Barış Seçkin
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
РИМ (АА) - На островот Лампедуза, во јужниот дел на Италија, синоќа со рибарски брод пристигнаа над 500 нерегуларни мигранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на италијанската новинска агенција „АНСА“, над 500 нерегуларни мигранти се наоѓале на стар рибарски брод кој бил запрен од страна на тимовите на италијанската финансиска полиција на отворени води, 4 милји од Лампедуза, која е најблиското италијанска територија до Северна Африка.
Тимовите на финансиската полиција соопштија дека меѓу нерегуларните мигранти имало лица од Мароко, Сирија, Бангладеш и Египет.
Според соопштеното, по пристигнување на островот, мигрантите биле регистрирани и поминале здравствена контрола.
Се истакнува дека во текот на денот на островот пристигнале уште 119 мигранти со 5 чамци.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Италија, од почетокот на годината до 27 септември бројот на пристигнати нерегуларни мигранти преку море достигна на 44.778. Во истиот период минатата година пристигнале 23.517 мигранти.