Ekipa
28 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон вчера беше погоден со јајце при посетата на саем за угостителство во Лион, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На видео-снимката објавена на социјалните мрежи се гледа како претседателот ги поздравува посетителите на саемот и весело се дружи кога во еден момент е погоден со јајце во неговото лево рамо. Јајцето се одби од рамото без да се скрши, а обезбедувањето на Макрон веднаш го заштити претседателот.
На снимката исто така се гледа како еден маж е ставен в ќош и е приведен со лисици на рацете.
Човекот кој го фрли јајцето кон Макрон извикуваше „Да живее револуцијата“ додека го фрлаше јајцето, а потоа беше приведен.
Инцидентот се случи додека Макрон присуствуваше на Меѓународниот саем за угостителство, хотели и храна во Лион, познат како француски кулинарски главен град.
На патувањето во Таин-Л'Ермитаж во јуни годинава непознат маж му удри шлаканица на Макрон при неговата посета на јужна Франција, и беше осуден на четири месеци затвор за тој инцидент.
Според „Еуроњуз“, претседателот го поднел вчерашниот инцидент на вообичаен храбар начин.
„Ако има нешто да ми каже, нека дојде“, рече тој по инцидентот.