Emre Aytekin
27 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
АНКАРА
На врвот на Монт Еверест пристигна кинескиот истражувачки тим, кој на 7 мај тргна кон врвот, со цел прецизно да ја измери неговата висина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави кинеската информативна агенција „Синхуа“, екипа од 30 лица што ја сочинуваат експерти за мерење од кинеското Министерство за природни извори и професионални планинари, тргнувајќи од кампот на кинеската страна на границата меѓу Непал и Кина, го завршила своето патување, пристигнувајќи на врвот.
Во веста се истакнува дека на врвот, екипата со помош на апаратурата, како што се ГПС (Глобален систем за позиционирање) и уредите за мерење на специфичната гравитација на Земјата - гравиметар, ќе се обиде од највисоката точка на планината да ја измери точната висина на Монт Еверест.
Освен тоа, во веста се вели дека екипата ќе спроведе експерименти и скенирања за откривање на природни извори.
- На двапати претходно е измерена надморската висина
Кина претходно во 1975 и 2005 година испрати екипи за точно мерење на висината на Еверест.
Во тие две мерења беше измерена висината, 8.848 метри и 13 сантиметри и 8.844 метри и 43 сантиметри.
На 12 март Кина објави дека го запира искачувањето на Еверест од нејзина страна поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19).