Ömer Faruk Yıldız
18 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Во Мјанмар група хакери ги нападнаа веб-страниците кои ѝ припаѓаат на Армијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како резултат на кибернападот на хакерска група наречена „Хакерите од Мјанмар“ (Myanmar Hackers), имаше прекини во некои пропагандни веб-страници кои ѝ припаѓаат на Армијата на Мјанмар, на државната телевизија MRTV и веб-страницата на Централната банка.
Во соопштението објавено на социјалните мрежи, „Хакерите од Мјанмар““ истакнаа:
„Ние се бориме за правда во Мјанмар. Со нападот врз владините веб-страници сакаме да се слушне гласот на народот.“
Низ целата земја протестите продолжуваат веќе 12-ти ден. Десетици илјади работници и студенти во главниот град Непидо и во градовите Јангон и Мандалај извикуваа пароли против администрацијата на хунтата.
Демонстрантите, носејќи транспаренти со фотографии на поранешниот министер за надворешни работи и де факто лидер на земјата, Аунг Сан Су Чи, побара ослободување на избраните владини лидери.
Протестите со затворање на патиштата кои започнаа вчера во Јангон, најнаселениот град во земјата, продолжија и денеска.
Демонстрантите го запреа сообраќајот со отворање на хаубата на автомобилите што ги наредија на најпрометните улици во Јангон.
Во земјата продолжува приведувањето на демонстрантите. Мјо Тит, поранешен државен министер во Мандалај, беше приведен затоа што ги охрабрил државните службеници да учествуваат на протестите.
- Демонстрантите ги бојкотираат производите на Сингапур
Од друга страна, групите кои протестираат започнаа кампања за бојкот на производите на Сингапур, реагирајќи на изјавите на министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивијан Балакришнан, дека „Мјанмар не треба да биде санкциониран“ поради воениот удар.
Демонстрантите преку „Твитер“ и „Фејсбук“ со пораките „Сингапур не го почитува мислењето на луѓето во Мјанмар“ и „Не купувајте производи на Сингапур“, повикаа на бојкот на производите на Сингапур.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.