Ömer Tuğrul Çam
18 Февруари 2021•Ажурирај: 18 Февруари 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО ќе го напушти Авганистан кога ќе биде вистинско време за тоа, додавајќи дека Талибанците треба да го намалат насилството и да ги почитуваат обврските, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг одржа прес-конференција по првиот ден од дводневниот министерски состанок на НАТО, кој се одржува преку видеоконференција.
„Нашето присуство во Авганистан зависи од одредени услови. Талибанците мора да ги исполнат своите обврски“, изјави генералниот секретар на НАТО, додавајќи дека НАТО силно го поддржува мировниот процес во Авганистан.
„Ќе го напуштиме Авганистан кога ќе биде вистинско време за тоа. Нашиот моментален фокус е на тоа како можеме да ги поддржиме мировниот процес и преговорите“, изјави тој.
Столтенберг изјави дека сојузниците спроведуваат консултации за тоа дека заедно ќе донесат одлука, напоменувајќи дека моментално главно прашање е Талибанците да го намалат насилството и да се дистанцираат од меѓународните терористички организации како „Ал Каеда“.
Во одговор на новинарско прашање Столтенберг истакна дека Турција, која граничи со Ирак и Сирија, е многу важен сојузник во НАТО и дека пружа важен придонес во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Турција е сојузник на НАТО кој сноси најголеми последици од терористичките напади“, изјави Столтенберг, потсетувајќи исто така дека во таа земја се наоѓаат неколку милиони бегалци.
Наведувајќи дека би можело да дојде до одредени несогласувања меѓу сојузниците во НАТО, Столтенберг изјави дека НАТО секако нуди платформа за дискусија за несогласувањата околу прашањата како што се одбранбените системи С-400 и Источен Медитеран.
На прашањето за турското купување на системот С-400 од Русија, Столтенберг изјави дека тоа не било тема на состанокот.
Тој истакна дека многупати претходно изразил загриженост поради прашањето за системот С-400, додавајќи дека на Турција веќе претходно ѝ зборувал за можностите кои би ги имала на располагање со набавката на алтернативните системи како што се „Патриот“ и САМП-Т.
Столтенберг го осуди неодамнешниот напад на Аеродромот „Ербил“, каде што се сместени и американските сили, додавајќи дека прашањето за Ирак ќе биде една од темите на заседанието на НАТО.
Тој напомена дека обуката на локалните ирачки безбедносни сили е најважно оружје во борбата против терористите на ДЕАШ.
Осврнувајќи се на прашањата за трошоците за одбраната во НАТО, Столтенберг изјави дека сака да се зголемат издвојувањата за одбраната, изразувајќи уверение дека промената на американската администрација нема да влијае на прашањето за праведна распределба на товарот.
„Им велам на европските сојузници на НАТО дека е потребно да вложуваат повеќе во одбраната и тие се согласуваат околу тоа. Тоа би требало да го направиме заради сопствени безбедносни интереси, а не за да ги задоволиме САД“, изјави тој.
Тој истакна дека на состанокот биле разгледувани и предлозите во врска со иницијативата „НАТО 2030“, која се однесува на политиките на Алијансата за претстојните години.
За време на состанокот е разговарано и за јакнењето на НАТО заради одвраќање и одбранбени активности, заштита на технолошкиот развој на НАТО, јакнење на политичката координација на Алијансата, организирање тренинг и активности на изградбата на капацитетот за партнерите на НАТО, приспособување на климатските промени и на стратешкиот концепт на НАТО.