Ekip
30 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
МУМБАЈ (AA) - Обилни монсунски дождови денес го зафатија индискиот финансиски центар Мумбај, нарушувајќи го патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Улиците се претворија во реки, а луѓето се движат низ водата, која во некои делови од градот достигна висина од еден метар.
Јавниот превоз е запрен, а летовите се пренасочени во други индиски градови, додека илјадници луѓе ноќта ја поминаа во своите канцеларии.
Мумбај вчера се соочи со обилни врнежи кои ја оштетија инфраструктурата, го запреа железничкиот сообраќај и ги поплавија улиците.
Метеоролозите најавија дека денес се очекуваат уште врнежи, а властите побараа сите училишта и факултети да бидат затворени на еден ден.
Предупредување за обилни врнежи е издадено и за други делови на државата Махараштра, но и за одредени делови на соседните држави Гоа и Гујарт.
Сезоната на монсунските дождови во Индија трае од јуни до септември.
Од почетокот на сезоната, во големите поплави што ја зафатија Јужна Азија загинаа повеќе од 950 лица, а околу 40 милиони луѓе во цела Индија, јужен Непал и во северен Бангладеш ги почувствуваа последиците.