СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес престојуваше во прва официјална посета на Кралството Шведска, актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, во чии рамки се состана со шефот на шведската дипломатија, Тобиас Билстром, пренесува Анадолу.
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, во делегацијата на министерот Османи бил и претседателот на парламентарната Комисија за европски прашања Арбер Адеми.
„На средбата со министерот за надворешни работи Тобиас Билстром беше реафирмирана поддршката на Шведска за нашата евроинтеграција, наедно потенцирајќи ја неопходноста од донесувањето на уставните промени, со цел непречен тек на преговарачкиот процес и трасирање на патот кон членство во ЕУ до 2030 година“, се вели во соопштението.

Министерот Османи потенцираше дека Северна Македонија останува силен поддржувач на членството на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евроатлантскиот простор.
„Забрзанaта интеграција на нашата држава во ЕУ и што поскорото членство на Шведска во НАТО ќе ги одврати злонамерните влијанија на трети фактори што се обидуваат да ги поткопаат безбедноста и стабилноста на европскиот континент. Затоа денес уште еднаш се заложивме заеднички да се помагаме за членство во ЕУ и во НАТО“, истакна Османи.
Тој се заблагодари за континуираната посветеност на Шведска на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, посебно во областа на развојната соработка, во чии рамки Северна Македонија повторно е меѓу приоритетните држави-партнери на шведската развојна помош во области што се најкорисни за нашите реформи од пристапниот процес.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамките на ОБСЕ 2023.

„На средбата стана збор и за регионалната динамика, за која двајцата министри оценија дека е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на регионот, но и на Европа. Беше нотирано актуелното претседавање на нашата земја и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), како и со САД - Јадранската повелба (А5), при што позитивно беше оценета улогата на Северна Македонија на активен чинител во генерирањето на стабилноста и мирот во поширок регионален контекст“, се додава во соопштението.
Во рамките на посетата Османи оствари средба и со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен, на која беше дискутирана одличната парламентарна соработка меѓу двете земји и со генералната директорка на Шведската развојна агенција (SIDA), Карин Јемтин, осврнувајќи се на непосредните придобивки од шведската развојна соработка за нашата ЕУ-перспектива.

news_share_descriptionsubscription_contact
