Burak Bir
02 Мај 2019•Ажурирај: 04 Мај 2019
ЛЕФКОСА (АА) - Министерот за правда на администрацијата на кипарските Грци денеска поднесе оставка поради јавното незадоволство во врска со сериските убиства на најмалку седум жени во текот на изминативе три години, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го информирав претседателот на Републиката дека поднесувам оставка поради причини од политичка одговорност“, изјави министерот за новинарите.
Јонас Николау ја достави својата оставка до лидерот на кипарските Грци, Никос Анастасиадес, кој изјави дека Николау не бил одговорен за овој случај, но дека поднел оставка поради политичката одговорност за случајот.
Грчкиот воен офицер Никос Метаксас (35) призна дека убил седум жени странски државјанки, вклучувајќи и две девојчиња.
Тој беше притворен на 14 април во истрагата за убиство, која започна откако 39-годишната Филипинка Мари Розе Тибуркио беше пронајдена мртва во западниот дел на Никозија.
Беа пронајдени остатоци од четири жени, а полицијата е сѐ уште во потрага по телата на другите три жртви.
Меѓу жртвите се наоѓаат филипинските државјанки Аријан Паланас Лозано и Марикар Валдез Арквила, Романката Ливиа Флорентина Бунеа и нејзината осумгодишна ќерка Елена, Непалката Ката Аноу, како и шестгодишната ќерка на Тибуркио, Сиера.
Сите жртви биле мигрантки кои дошле на островот да работат.
Администрацијата на кипарските Грци побара помош од британските експерти за случајот со сериските убиства кој е забележан како прв таков на островот.