свет

Министерката на шпанското МНР, Лаја: „Светот утре по Ковид-19 повторно ќе се глобализира“

„Не сме само пријатели. Во НАТО немате пријатели, имате сојузници, а тоа е повеќе од пријател“

Nazlı Yüzbaşıoğlu, Zuhal Demirci, Mehmet Öztürk  | 29.07.2020 - Обновена : 31.07.2020
Министерката на шпанското МНР, Лаја: „Светот утре по Ковид-19 повторно ќе се глобализира“ Фото: Güven Yılmaz/AA

АНКАРА (AA) - МЕХМЕТ ОЗТУРК -

Шпанската министерка за надворешни работи, за Европска Унија (ЕУ) и министерка за соработка, Аранча Гонзалез Лаја, во врска со периодот по пандемијата на Ковид-19, рече дека светот утре ќе биде свет кој повторно ќе се глобализира, дека треба да бидеме сигурни дека технологијата ќе биде достапна, употреблива и со пристапна цена за сите граѓани и во сите деловни области кои се дел од овој бран на нова глобализација наречена дигитална технологија.

Шпанската министерка Лаја одговораше на прашањата на Агенција Анадолија (АА) за билатералните односи со Турциа и за регионалните прашања за време на својата официјална посета на Анкара.

Истакнувајќи дека својата прва официјална посета на една земја надвор од Европската Унија (ЕУ), во периодот на пандемија на новиот тип коронавирус (Ковид-19) ја спроведува во Турција, министерката Лаја рече дека со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, покрај регионалните прашања, како што се Источен Медитеран, Либија и Сирија, разговарале и за развојот на билатералните трговски односи, инвестициите и за односите меѓу Турција и ЕУ.

Таа укажа на важноста од градењето меѓусебна доверба во односите Турција - ЕУ, и за односите меѓу Турција и Шпанија рече: „Не сме само пријатели. Во НАТО немате пријатели, имате сојузници, а тоа е повеќе од пријател.“

Истакнувајќи дека Турција и Шпанија од 2005 година досега се коспонзори на иницијативата за Алијанса на цивилизациите, министерката Лаја изјави дека двете земји, благодарение на искуството стекнато во изминатите 15 години, имаат цел, со решавање на актуелните прашања на денешницата, како што се ксенофобијата, дискриминацијата, екстремизмот и предрасудите кон мигрантите, создавање на позитивна агенда за во иднина.

Посочи дека за време на пандемијата на коронавирусот, во светот започнал нов период и дека утрешниот свет „повторно ќе се глобализира“.

ПРАШАЊЕ: Двете земји во 1998 година потпишаа заеднички акционен план. Можеше ли овој план да ги утврди основите на билатералните односи или дојде време тој да се разгледа според тековните услови?

ОДГОВОР: Би го кажала следното, договорот не го претставува само годишниот обем на трговија во висина од 12 милијарди долари и други инвестиции и економски вредности, туку тој им беше од корист и на Турција и на шпанските компании кои направија големи инвестиции, давајќи голем придонес во зајакнувањето на длабоките односи меѓу Турција и Шпанија.

Но не само во економијата и трговијата, длабока соработка постои и меѓу нашите министерства за одбрана. Нашите министри за внатрешни работи соработуваат. Имаме соработка и на полињата како што се туризмот или здравството. Затоа [заедничкиот акционен план] е многу широк и во меѓувреме не само што се зголеми соработката меѓу владите, туку се прошири и меѓу градовите. Турските градови Истанбул, Анкара, Коња, Анталија соработуваат со шпанските градови не само на ниво на владите, туку постои соработка и на полето на збратимување меѓу градовите, а на полето на студентската соработка. Голем број шпански студенти во рамките на програмата „Еразмус“ сакаат да дојдат во Турција, а има и голем број турски студенти кои, благодарение на истата програма, сакаат да дојдат во Шпанија. Тоа значи дека соработката и меѓусебните врски се многу опсежни и длабоки. Наша желба е тоа да го продлабочиме многу повеќе бидејќи согледуваме дека има можности кои подобро можат да се искористат и од двете страни.

ПРАШАЊЕ: Дали мислите дека турските и шпанските општества доволно се познаваат? Во таа насока, дали би можеле да ги оцените досега преземените чекори?

ОДГОВОР: Можеме меѓусебно да се познаваме многу подобро. За тоа е потребно создавање повеќе контакти. Тие контакти треба да бидат во полето на спортот, културата. Знам дека и Турција и Шпанија се земји кои многу го сакаат фудбалот. Овие контакти и дијалози треба да се воспостават меѓу тинк-тенковите на двете земји, новинарите, студентите и деловните луѓе.

Она што треба да го направиме е да ги продлабочиме контактите на нашите општества. Тоа го именуваме како комуникација од човек до човек и тоа е единствена гаранција дека на крајот од денот ќе се запознаеме подобро. И да се појават потешкотии, полесно е да се надминат, бидејќи во таков случај многу подобро би ги разбрале желбите и аспирациите на другата страна.

ПРАШАЊЕ: Турција води мултидимензионална борба против различни терористички организации, како што се ПКК/ЈПГ, ДЕАШ и ФЕТО. Како ја оценувате оваа борба, вклучувајќи ја тука и безбедноста на Европа?

ОДГОВОР: И ние сме земја која страдаше од тероризам и знае што е тероризам. Значи, ова е тема на којашто сме чувствителни. Затоа, на пример, ја продолжуваме соработката со Турција во глобалната борба против ДЕАШ. Тоа е само една од работите што ги спроведуваме заедно. Во рамките на Обединетите нации, соработуваме во многу прашања за борба против тероризмот низ светот. Ова е тема на која министерствата за внатрешни работи на двете држави се во дијалог и веројатно тој дијалог може да се напредува уште повеќе.

ПРАШАЊЕ: Што би сакале да кажете за случувањата во Либија? Неодамна изјавивте дека ЕУ треба Источниот Медитеран да го гледа повеќе како стратешко место. Дали тоа ќе ја намали загриженоста на Турција или уште повеќе ќе ги донесе Турција и ЕУ една наспроти друга?

ОДГОВОР: Првенствено Медитеранот е наше заедничко море. Него го споделуваме со Турција. Го споделуваме со Грција, Кипар, Либија, Италија, Франција, Алжир, Мароко.

Сите ние го делиме ова море и затоа сите ние сносиме одговорност околу обезбедувањето на сигурноста, безбедноста и просперитетот на Медитеранот. Затоа, како Шпанија, загрижени сме поради случувањата во Либија, што претставува закана за безбедноста на Медитеранот, а со тоа и за безбедноста на Шпанија. Затоа, пораката што ја донесов во Анкара е во оваа насока. Ги повикуваме сите страни што се борат во Либија да направат безусловен прекин на огнот и да се вратат на Берлинскиот процес кој се води под покровителство на ОН за да преговараат за политичкото решение. Ова е ситуација во која сакаме да видиме дека одговорот е во рацете на Либијците. Сѐ што треба да направиме е да ги охрабриме Либијците да одат на преговарачката маса и да најдат решение што ги опфаќа сите. Би сакала да кажам дека Европа и Шпанија се многу чувствителни. Ние ја делиме чувствителноста во обезбедувањето сите страни да го почитуваат ембаргото за вооружување кое е прифатено од ОН. Кога велам „сите страни“, мислам на „сите“, без оглед дали оружјето пристигнува преку море, воздух или копно. Веруваме дека е важно да се почитува обврската за која сите се согласивме во ОН, да се спречи протокот на оружје. И ние, како ЕУ, сакавме да дадеме скромен придонес во почитувањето на ембаргото за вооружување. За да се осигураме дека ембаргото се почитува, решивме да започнеме со операција наречена „Ирини“, со контролирање на морето, воздухот и земјата, користејќи бродови, чамци, авиони и сателити. Се разбира, ова е само мал придонес. Она што ни треба е посветеност на сите страни да го почитуваат ембаргото за оружје на ОН. Ова е важно затоа што може да биде добар начин да се поттикнат страните да се вратат на преговарачката маса.

ПРАШАЊЕ: Кои се примарните мерки што шпанската Влада ги презема за запирање на ширењето на пандемијата во овој период по отворањето на туристичката сезона, кога милиони луѓе од Велика Британија, земја во која стапката на заразени со коронавирусот постојано се менува, ја посетуваат вашата земја за време на летните одмори?

ОДГОВОР: Пандемијата е ставена под контрола во Шпанија. Презедовме мерки за да ги следиме заразените граѓани, нивните контакти и да ги изолираме позитивните. Го задржавме одржувањето на физичкото растојание за да можеме да ги заштитиме соседите. Сепак, како и секоја земја во светот, знаеме дека сѐ додека не биде пронајдена вакцина или друг вид на третман, во нашите општества ќе живееме со Ковид-19. Со други зборови, многу строги мерки од една страна, но не можевме да ја спречиме појавата на пандемијата. Она што го правиме кога постои пандемија е да ги изолираме оние што се заразени од болеста. Ова е понекогаш улица, некогаш село, понекогаш регион и она што го правиме е на овој начин да го изолираме проблемот за да може остатокот од земјата да продолжи да живее безбедно. Станува збор за вложување големи напори од страна на регионите во Шпанија. Со цел Шпанија да остане безбедна земја, сите региони кои се согласија со централната власт, се впуштија во овој обид заснован врз заедничкиот протокол. Бидејќи сѐ уште немаме соодветна вакцина или третман, треба да научиме да живееме со вирусот, но мора да се осигураме дека вирусот е ограничен како што тоа е случај во Шпанија.

ПРАШАЊЕ: Го браните ставот дека Ковид-19 ќе „донесе нов вид глобализација“. Како тоа ќе влијае на медитеранскиот регион и воопшто во светот, од геополитички и економски аспект?

ОДГОВОР: Со Ковид-19 гледаме дека се потенцираат претходно постоечки трендови. Увидовме дека чекорот на дигитализација е вистиски чекор и го забрзавме тоа. Тоа го забележавме во образованието, во купувањето и уплатите преку интернет. Тоа се забрза со пандемијата затоа што ја сфативме важноста за одржливо управување со нашите економии. Акцентот повеќе беше ставен на сфаќањето дека нееднаквостите не се добри за нашите демократии. Видовме како запирањето на нашите економии влијае на сиромашните. Всушност, такви трендови постоеја и порано, но Ковид-19 на овие теми им даде нов живот. Не верувам дека новиот свет нема да биде глобализиран. Според мене, утрешниот свет ќе биде свет на повторна глобализација. Во моментов гледаме повторна глобализација благодарение на технологијата која ѝ дава енергија на глобализацијата. Затоа, треба да бидеме сигурни дека технологијата ќе биде достапна, употреблива и со пристапна цена за сите граѓани и во сите деловни области кои се дел од овој бран на нова глобализација наречена дигитална технологија.

ПРАШАЊЕ: Кои се мерките што ќе ги преземете со цел да се избегне новиот бран на пандемијата кога Шпанија и ЕУ повторно ќе ги отворат своите граници?

ОДГОВОР: Она што го правиме е да се осигураме дека при постепеното отворање на границите ќе започнеме со земји со епидемиолошки стапки слични на оние кои се вообичаени во Европа. На тој начин сакаме да ги отвораме границите врз основа на епидемиолошки податоци, а не врз основа на дипломатски критериуми или политички договори. Она што го имаме на ум е да се справиме со епидемијата и притоа да бидеме транспарентни и постепено да се отвораме кон оние што првенствено имаат подобри епидемиолошки податоци. На тој начин можеме да ја вратиме подвижноста во нашите земји, осигурувајќи се дека го заштитуваме здравјето на нашите граѓани.

ПРАШАЊЕ: Шпанија е една од најголемите поддржувачи на Турција за членство во ЕУ. Преговорите моментално се во прекин. Кој е излезот од оваа состојба и постои ли можност преговорите да заживеат? Дали Шпанија го поддржува напредокот на Турција во преговорите во однос на визната либерализација и отворањето нови поглавја во процесот на пристапување во ЕУ?

ОДГОВОР: Мислам дека она што недостига е довербата. Потребно е да изградиме доверба, но во тој процес потребно е да се приклучат и двете страни, од една страна Турција, од друга страна ЕУ. Значи, она што треба да го направиме е да изградиме доверба меѓу ЕУ и Турција, што е и целта на мојата посета на Турција. На крајот на краиштата, преговорите се спроведуваат со земја која сака да стане членка на семејството на ЕУ. За да го проширите семејството, мора да бидете сигурни дека другата страна ви верува. Тоа е реципрочно. Затоа, мислам дека она што најмногу ни треба е градење доверба. Довербата не се гради само со зборови, туку со дела. Сигурна сум дека ќе најдеме начин да внесеме малку поголема доверба во нашите односи.

ПРАШАЊЕ: Турција беше на агендата на состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ што се одржа во Брисел минатата година. Вие ја дефиниравте Турција како земја која има привилегирани односи со ЕУ, но во исто време НАТО сојузник кон кого Европа гледа со згриженост. На што се однесува оваа згриженсот кон Турција?

ОДГОВОР: Турција не е само партнер, Турција е НАТО сојузник. Ние не сме само пријатели. Во НАТО немате пријатели, имате сојузници, а тоа е повеќе од пријател. Споделувате многу важни теми, како што е сопствената безбедност. Шпанија и Турција токму тоа го споделуваат. Ги споделуваме ракетните батерии. Ѝ помагаме на оваа земја да ја заштити својата безбедност од трети земји. Тоа е показател за нивото на врски меѓу Шпанија и Турција, и двете земји членки на НАТО.

Во последно време со министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, зборуваме за Источен Медитеран, Либан и за едностраната мобилност во подрачјето на миграции во регионот на Турција. На сиве овие полиња ги споделуваме истите предизвици и истите потешкотии со Турција. Сепак, во ЕУ постои одредена загриженост за чекорите што ги презема Турција. Во исто време, сигурна сум дека и Турција има одредена чувствителност во врска со одредени чекори што ги презеде Европа. Затоа, ова не е „игра на обвинување“, туку „разбирање на играта од гледната точка на другата страна“. Но кога ја разбирате, кога ќе ја слушнете другата страна, вртејќи се напред, можете да пронајдете правец. Тоа беше една од причините што дојдов во Анкара да се сретнам со турските власти.

ПРАШАЊЕ: Дали сметате дека поддршката што ЕУ ѝ ја дава на Турција во борбата против тероризмот е доволна? Дали мислите дека ѝ се дава доволна поддршка на Турција, како домаќин на сириските бегалци и нејзините напори во борбата со нерегулираната миграција?

ОДГОВОР: Шпанија ја дели загриженоста со Турција во однос на прашањето за нерегулираната миграција, бидејќи и Шпанија се соочува со истиот проблем. Затоа, не дека не разбираме со кои предизвици се соочува Турција. И ние се соочуваме со истите предизвици. Искрено, можам да кажам дека најдобриот начин за борба против нерегулираната миграција е да имате заедничко чувство на одговорност во дијалог со вашиот сосед, партнер, согледувајќи дека ова не е само проблем на другата страна или само ваш, туку проблем што го споделуваат и двете страни. Тоа е единствениот начин како да се управува со нерегулираната миграција. Да не заборавиме дека поголемиот број од овие нерегулирани имигранти се во рацете на криминални мрежи и трговците со луѓе, кои ја користат лошата ситуација во кои се наоѓаат тие луѓе. Тоа со себе носи големо чувство на заедничка одговорност. Кога ќе погледнеме од аспект на односите меѓу Турција и земјите членки на ЕУ, потребно е да се води заедничка борба против оваа криминална мрежа која ја користи тешката ситуација во која се наоѓаат овие луѓе. Сметам дека тоа треба да го сториме. Тоа е она што се обидуваме да го направиме со нашите соседи. Дојдовме до сознаието дека Сирија, Мароко, Мавританија, Гвинеја и Сенегал не се проблем само на Шпанија, туку на сите нас. Мислам дека истото важи и за Источниот Медитеран. Тоа не е само проблем на Турција. Тоа е проблем на Турција и ЕУ и меѓусебниот дијалог е најдобриот начин да се изнајде решение. Мислам дека Европа ја разбира огромната солидарност што Турција им ја покажа на бегалците од Сирија. Токму затоа Европа во голема мерка ја поддржува и продолжува да ги поддржува напорите на Турција како домаќин на сириските бегалци. Мислам дека најважната работа во моментот е како Турција и ЕУ, заедно со некои наши соседи, вклучително и Русија, да придонесат за мирот и стабилноста во Сирија, овозможувајќи им на луѓето безбедно да се вратат во своите домови. Точката на која во моментов треба да се фокусираме се Турција и ЕУ и најголем дел од товарот поврзан со сириските бегалци, и обезбедување стабилност која одамна недостига во Сирија.

ПРАШАЊЕ: Рековте дека приоритет на ЕУ по закрепнувањето од пандемската криза треба да биде поддршката за земјите од Латинска Америка со конкретни мерки. Кои мерки сметате дека се неопходни за ова?

ОДГОВОР: Во дијалог сме со државите од Латинска Америка, претежно со земји со среден приход, а еден од предизвиците со кои се соочуваат и кои овие земји со среден приход ги споделуваат со нас е дали кога вакцината и третманот против Ковид-19 ќе стигнат до нив веднаш штом ќе бидат достапни. Тоа е главниот приоритет. Вториот приоритет е пристапот до финансии за земјите со среден приход. Знаеме дека земјите со среден приход не можат да добијат финансирање под привилегирани услови. Некои земји, во постоечкото затегнато финансиско опкружување тешко пристапуваат до капиталот и до кредитите потребни за зајакнување на нивните економии против Ковид-19. Работиме со земји од Латинска Америка и бидејќи сметаме дека тоа е важно, ќе продолжиме да ја унапредуваме оваа заедничка агенда. Шпанија има историски и привилегиран однос со тој континент.

ПРАШАЊЕ: Во 2005 година, Шпанија, во светот по Студената војна, во ОН предложи формирање на Алијанса на цивилизации, спротивно на тезата на Судирот на цивилизациите, главниот извор на судири и културниот идентитет. Шпанија и Турција решија да работат заедно за развој на Алијансата на цивилизации. Кои беа елементите на оваа соработка и колку е важен овој сојуз во тековните околности? Од друга страна, поминаа 15 години од формирањето на тој сојуз. Каков напредок е постигнат на тоа поле?

ОДГОВОР: Пред 15 години ја создадовме агендата на Алијансата на цивилизациите. Сега мислам дека е фер да се каже дека можеби треба да ја прошириме агендата на овој сојуз. Денес агендата има широк спектар на точки, како што се борбата против ксенофобијата и дискриминацијата, разбирањето на различностите, борбата против екстремизмот и предрасудите против имигрантите… Она што го прифаќаме денес, засновано врз искуството во изминатите 15 години, е да инвестираме малку повеќе во редефинирање на позитивна агенда за следните 15 години.

ПРАШАЊЕ: Вашата Влада по претходните големите дебати во почетокот на оваа година, започна разговори со водачите на Каталонија. Каков е напредокот и излезот за решавање на овој проблем?

ОДГОВОР: Само може да научите да живеете со разликите. Тоа можете да го направите почитувајќи го дијалогот и законот. Она што се обидуваме да го промовираме е дијалог, дебата, дискусија и разбирање во рамките на законот. Законот е она што нѐ обединува, нѐ прави заедница и држава. Сепак, важно е да се користи дијалогот во рамките на заедницата како алатка за различни перспективи. Владата секогаш истакнува дека тој метод е дијалогот и постојано вели дека ние се придржуваме кон тоа.

ПРАШАЊЕ: Дали и покрај трите референдуми во Гибралтар што претходно резултираа во корист на Велика Британија, имате потреба од ново гласање во регионот по периодот на Брегзит? Кои се главните предизвици на границата Гибралтар - Шпанија и како шпанската Влада ќе се приближи кон овие проблеми?

ОДГОВОР: Тоа е дебата меѓу Велика Британија и ЕУ, а Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ со народно гласање. Не гледаме позитивно на резултатот, но ја почитуваме одлуката на британскиот народ. Сега, ова е само половина од приказната. Другата половина е каков однос ќе има Велика Британија со остатокот на ЕУ по Брегзит. Тоа е она што сега се обидуваме да го изградиме. Ваквата состојба лично повеќе ја погодува Шпанија, бидејќи Гибралтар има свој правец во односите меѓу Шпанија и Велика Британија. Она што е многу јасно за нас во Шпанија и во кое веруваме е дека колку се поблиску врските меѓу Англија и Шпанија, колку се поблиски врските меѓу Англија и ЕУ, тоа е толку подобро. Тоа е нашата визија и она што се обидуваме да го унапредиме во преговорите. Сепак, треба да разбереме каква е желбата на британската страна. Дали таа е подеднакво заинтересирана за оваа блиска врска? Топката сега е на страната на Велика Британија. Очекуваме преговорите меѓу Велика Британија и Шпанија за Гибралтар да напредуваат многу бавно, бидејќи преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија одат многу бавно. Одговорот е да го повикате Лондон и да откриете што ќе направи, бидејќи часовникот работи. Знаеме дека периодот на транзиција завршува на 31 декември. Велика Британија јасно стави до знаење дека таа повеќе не сака да го продолжи периодот на транзиција по 31 декември. Затоа, очекуваме да видиме каков однос очекуваат за во иднина.

ПРАШАЊЕ: Според соопштенијата на Министерството за внатрешни работи, во Шпанија се зголемува религиозната нетрпеливост изразена преку исламофобијата и злосторствата извршени во овој контекст. Екстремно десничарското политичко движење најде своја основа на неодамнешните избори во Шпанија. Како ќе се справи Владата со овие проблеми?

ОДГОВОР: Мислам дека треба да инвестираме во образованието. Шпанија е земја во која е застапена голема разновидност на различни јазици, религии и идеологии. Но, треба да ја негуваме идејата дека можеме да живееме заедно со оваа различност и во овој дијалог. Имаме посебни дијалози со различни заедници што ги развивме преку „Касас“ (Casas), што значи домови. Споменатата „Касас“ се тинк-тенкови организации промовирани од страна на Министерството за надворешни работи кои поттикнуваат разбирања засновани врз искуствата и знаењата на луѓето од минатото, за односите меѓу луѓето со различни верувања, од различни вери.

ПРАШАЊЕ: Односите меѓу САД и Шпанија беа затегнати поради дигиталниот даночен проблем. Како може да се реши овој проблем? Дали Шпанија и ЕУ можат да се соочат со САД во тој поглед?

ОДГОВОР: Можам да кажам дека длабоко вкоренетите односи меѓу Шпанија и САД се здрави, но како и со секоја врска, точно е дека понекогаш постојат нешта околу кои повеќе се согласувате или не се согласувате. На пример, ние не делиме исто мислење во врска со оданочувањето на дигиталните активности со додадена вредност. Сега најдобриот начин за да се придвижиме напред ќе биде да ја разбереме Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). За даночниот систем за додадена вредност на дигиталните активности, претпочитаме единствен систем наместо секоја земја што има свој систем. Затоа се стремиме да ги охрабриме преговорите и инвестициите во ОЕЦД. Ние секогаш ќе сакаме да го продолжиме дијалогот со САД. Тоа е најдобриот начин за управување со области во кои постојат разлики. Сепак, сосема е јасно дека Европа, наспроти идејата за дигитално лидерство, го постави фондот за финансиска помош во борбата против Ковид-19, кој неодамна е усвоен од страна на лидерите на ЕУ.

ПРАШАЊЕ: Сервисот на Агенција Анадолија на шпански јазик има функција на мост помеѓу двете култури. Дали го следите?

ОДГОВОР: Го ценам тоа што отворивте сервис на Агенција Анадолија на шпански јазик. Мислам дека оваа редакција ќе придонесе за подобро разбирање на шпанските и сите други говорници низ светот кои го зборуваат шпанскиот јазик. Нестрплива сум да ги читам и слушам вестите објавени на шпанскиот сервис на АА.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.