Ekipa
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Силите лојални на одметнатиот командант Калифа Хафтар во Либија повторно го прекршија кревкото примирје со Владата во Триполи признаена од ОН, испалувајќи минофрлачки гранати врз јужните области на главниот град Триполи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Владата на национално единство во Триполи, Абдулмалик ал Мадани, за АА изјави дека милитантите на Хафтар неселективно ги гранатирале јужните фронтови на Триполи.
Слична изјава беше дадена и вчера од Владата на национално единство, во која се вели дека милицијата на Хафтар неселективно ги гранатирала областите Салахдин, Ал Рамла и Еин Зара во јужниот дел на Триполи.
На 12 јануари, конфликтните страни најавија прекин на огнот како одговор на заедничкиот повик на турските и руските лидери. Сепак, разговорите за постојан договор за прекин на огнот завршија без договор откако Хафтар ја напушти Москва без потпишување договор.
Во неделата, Хафтар во Берлин прифати да назначи членови во Воената комисија предложена од ОН, со по пет члена од секоја страна за следење на имплементацијата на примирјето.
Од соборувањето на починатиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две седишта на моќ - едното на воениот командант Калифа Хафтар во источна Либија, поддржано главно од Египет и ОАЕ, и второто, Владата на национално единство во Триполи, која ја ужива поддршката на ОН и е меѓународно призната.