Bayram Altuğ
21 Јануари 2020•Ажурирај: 21 Јануари 2020
ДАВОС (АА) - Во рамките на јубилејниот 50. Светски економски форум во Давос, Швајцарија, се одржа панел-дискусија за Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Панелот за политичкиот дијалог, состојбата и иднината на регионот се одржа зад затворени врати со учество на високи претставници.
На панелот учествуваше и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, кој преку објава на Твитер порача дека Турција придава големо значење на стабилноста и мирот на Балканот.
„Европската Унија треба да го исполни ветувањето кое го даде на земјите од регионот. Треба да биде инклузивна, а не ексклузивна“, порача Чавушоглу.
Модератор на панелот беше директорот на Светскиот економски форум, Борге Мренде, а учествуваа министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров; косовскиот претседател Хашим Тачи; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; премиерот на Словенија, Марјан Шарец; бугарскиот премиер Бојко Борисов; премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ; шефицата на шведската дипломатија, Ан Линде; претседателката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева и генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер.