Mustafa Deveci
02 Септември 2022•Ажурирај: 02 Септември 2022
ЗАПОРОЖЈЕ (АА) - Делегација на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во текот на вчерашниот ден изврши увид во нуклеарната централа во Запорожје, Украина, поради стравувањата за потенцијална катастрофа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Челникот на Меѓународната агенција, Рафаел Маријано Гроси, за новинарите изјави дека неговиот тим извршил увид во четири важни области, вклучувајќи го системот за итни случаи и контролната соба.
Тој рече дека има многу работа која треба да се заврши за да се анализира ситуацијата во централата, и дека неговиот тим ќе продолжи да работи во областа со експертите.
Додаде дека неговата загриженост за централата останува сѐ додека ситуацијата не стане постабилна и попредвидлива. „Очигледно е дека физичкиот интегритет на централата е нарушен повеќепати“, додаде тој.
Соопшти дека се сретнал и со Украинците кои работат во централата за кои рече дека се крајно професионални и сталожени.
Во однос на безбедносната ситуација во подрачјето, Гроси рече дека утринава била доста тешка.
„Ја завршувам мојата прва посета на украинската нуклеарна централа во Запорожје. МААЕ е тука за да остане и ќе има континуирано присуство во нуклеарната централа во Запорожје“, напиша тој на Твитер.
Гроси и неговиот тим пристигнаа вчера во инспекција на централата која е под руска контрола од март.
Загриженоста за нуклеарната централа се зголеми бидејќи подрачјето беше гранатирано повеќепати во последните денови, а Русија и Украина за тоа се обвинуваат меѓусебно.