Dmitri Chirciu
01 Септември 2022•Ажурирај: 02 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека очекуваат „објективност“ од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во однос на нуклеарната централа „Запорожје“ во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во Московскиот државен институт за меѓународни односи даде изјава за актуелни прашања.
Посочувајќи дека делегацијата на МААЕ замина во нуклеарната централа „Запорожје“ во Украина, Лавров рече: „Очекуваме објективност од МААЕ. Некои не сакаат МААЕ да стигне до објективни заклучоци.“
Лавров, наведувајќи дека украинските диверзантски групи утринава се обиделе да се распоредат во близина на централата, рече дека тие се неутрализирани.
„Ние даваме сѐ од себе за да обезбедиме централата да работи безбедно и МААЕ да ја заврши својата должност овде“, додаде Лавров.
- „Заканата за нашите војници во Придњестровје ќе се смета за напад“ -
Осврнувајќи се на прашањето за регионот Придњестровје, кој се наоѓа на границите на Молдавија и ја прогласи својата независност еднострано, Лавров нагласи:
„Во овој регион имаме мировници и воени единици кои во селото Кобасна го штитат најголемиот арсенал во Европа. Секоја акција што ја загрозува безбедноста на овие војници, како во Јужна Осетија, ќе се смета за напад врз Русија во согласност со меѓународното право. Сите треба да го разберат ова.“