Mahmoud Mohamed Barakat
05 Август 2020•Ажурирај: 05 Август 2020
БЕЈРУТ
Неколку земји и организации ја потврдија смртта и повредите на одреден број на свои граѓани и персонал на нивните дипломатски мисии во Бејрут, во експлозијата во која загинаа најмалку 100 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Египетската амбасада во Бејрут на својата страница на Фејсбук соопшти дека еден нејзин граѓанин загинал, а друг се водел како исчезнат.
Од мароканската амбасада во Бејрут е наведено дека е повреден марокански државјанин кој работи за ОН.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека во експлозијата загинал еден граѓанин и дека зградата на австралиската амбасада во Бејрут е тешко оштетена од експлозијата, но дека вработените поминале без сериозни повреди.
Заменик портпаролот на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак изјави дека 48 членови на ОН, 27 членови на нивните семејства и тројца посетители биле повредени во експлозијата во Бејрут, без да дадат дополнителни детали за националностите на жртвите.
Руската амбасада во Бејрут наведе дека е оштетена зградата на амбасадата и дека еден вработен се здобил со полесни повреди од скршените прозорци.
Казахстанската амбасада потврди дека амбасадорот е повреден, а делови од зградата на амбасадата се оштетени во експлозијата.
Холандската амбасада соопшти дека петмина нивни вработени се повредени во експлозијата.
Мировната мисија на ОН во Либан (UNIFIL), соопшти дека дел од нивниот персонал е повреден во експлозијата, не наведувајќи број.
„Повредените припадници на мировните сили се префрлени во најблиските болници на медицински третман, додека UNIFIL во моментов ја проценува ситуацијата“, се вели во соопштението.
Според најновите податоци кои ги објави Црвениот крст на Либан во експлозиајта загинаа најмалку 100, а повредени се 4.000 лица.
Експлозијата вчера се случи по 18.00 часот во пристаништето на Бејрут. Како известија медиумите во едно од складиштата најпрво избил пожар, а потоа следувала експлозијата која се слушна и во предградијата. На социјалните мрежи се објавени видео-снимки на кои може да се види дека се работи за силна експлозија.