Addis Getachew Tadesse
11 Октомври 2016•Ажурирај: 12 Октомври 2016
АДИС АБЕБА (АА) - Просперитетот на Африка е во најдобар интерес за Европа, изјави денес германската канцеларка Ангела Меркел во Етиопија, по инаугурирањето на новото седиште на Советот за мир и безбедност на Африканската унија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Германија ја поддржува Африканската Унија, нејзиниот мир, безбедносната архитектура и системот за предупредување“, вели Меркел.
Четирикатната еко-зграда, којашто воедно претставува уметничко дело, беше изградена со помош на техничка и финансиска поддршка од страна на германската Влада.
Советот за мир и безбедност, орган на Африканската Унија за спречување, управување и решавање на конфликти, беше формиран со цел обезбедување колективна сигурност и рано предупредување со можност за ефикасен одговор и навремено справување со конфилктите и кризните ситуации, според веб-сајтот на Унијата.
Канцеларката изјави дека разните конфликти на континетот како во Бурунди, Демократската Република Конго, и во регионот на Големите Езера, меѓу другото, треба да бидат решени преку дијалог и компромис.
„Одржливиот развој ќе ги расчисти тероризмот и екстремизмот“, рече таа додавајќи дека недостатокот на развој е причина за миграции и за трговија со луѓе.
Меркел изјави дека во рамките на планот „Ла Валета 2015“, 1,8 милијарди евра биле наменети за африканските земји со цел справување со проблемот на миграција на млади луѓе.
- Пример за мир и толеранција -
Свое обраќање имаше и Нкосазана Дламини-Зума, претседателката на Комисијата на Африканската унија, која ѝ се заблагодари на Германија, за она што таа го нарече донација, со која ќе се олесни работата на Советот за мир и безбедност на Африканската унија.
„Германија од историјата научи да биде толерантна и мирна. Не е изненадување што таа стана надеж за мигрантите и бегалците“, изјави Зума.
Таа повика на продолжување на дијалогот за миграции меѓу Африка и Европа.
„Спротивно на општото мнение, само 1 од 10 лица кои мигрирале во Европа се од Африка“, вели таа додавајќи дека тоа сочинува само 0,9 отсто од африканската популација.
- „Потребно е динамично граѓанско општество“ -
Меркел претходно се состана и разговораше со премиерот на Етиопија, Хајлемаријам Десалењ.
На состанокот беа отворени прашања поврзани со бегалците и регионалната безбедност, ставајќи го фокусот на одржувањето на мирот во Африка, што ја има поддршката од германската Влада.
„Ние ги следевме насилните конфликти во вашата земја. Имавме можност да разговараме со луѓето кои имаа проблеми и беа незадоволни“, изјави таа.
Таа изјави: „Етиопјаните мора да добијат право на динамично граѓанско општество, а луѓето да имаат право да го изразат своето мислење“.
„Со премиерот разговараме за пропорционалноста на мерките од страна на безбедносните сили“, изјави Меркел на прес-конференцијата по состанокот со Десалењ.
„Ние можеме да помогнеме преку посредување за мирно решавање на проблемите“.
Десалењ, од своја страна изјави дека Етиопија, како демократија во зародиш, сѐ уште страда од недостатоци.
„Работиме посветено со цел да сториме повеќе за отворање на политичкиот простор“, вети тој.
Ова е втора посета на Меркел на Етиопија, по посетата во 2007 година.
Денес, во доцните попладневни часови, Меркел треба да се состане со официјалните претставници на големите опозициски партии на Етиопија.
Пред да пристигне во Етиопија, Меркел ги посети Нигерија и Мали.