Tufan Aktaş
29 Мај 2020•Ажурирај: 30 Мај 2020
АДИС АБАБА
Челникот на Африканската Унија (АУ), Муса Факи Махамат, го осуди насилството на полицијата која во Минеаполис во САД го доведе до смрт Џорџ Флојд, невооружениот Афроамериканец кој почина при приведување, откако полицаец го собори и неколку минути му го притискаше вратот со колено, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Африканската Унија во соопштението апелира до американските власти да преземат напори за да се отстранат сите облици на дискриминација во таа земја.
Најостро го осуди убиството на Флојд и изрази сочувство до семејството и пријателите на жртвата.
„Американските официјални лица треба да ги интензивираат напорите за што побрзо да се обезбеди потполно отстранување на сите облици на расна и етничка дискриминација во таа земја“, додаде тој.
Тој нагласи дека Африканската Унија како организација ги отфрла постоечките дискриминаторски практики против Афроамериканците во САД.
Африканската Унија (АУ) е континентална унија која се состои од 55 држави членки кои се наоѓаат на континентот Африка, со исклучок на различните територии на европските имоти кои се наоѓаат во Африка. АУ беше објавена во Декларацијата на Сирт во Либија на 9 септември 1999 година, во која се повикува на формирање на Африканската Унија. Блокот е формиран на 26 мај 2001 година во Адис Абеба во Етиопија и почна со активности на 9 јули 2002 година во Јужноафриканската Република.
Флојд (46) беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните медиуми. На видеото се гледа како полицијата го приведува со лисици и го соборува на земја, при што едниот од полицајците му го притиска вратот со колено. Од полицијата тврдат дека тој се спротивставувал на приведувањето.
Сепак, видеоснимката покажува дека тој соработува со полицијата.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велеше дека не може да дише, службеникот не го тргна коленото од неговиот врат. Набргу потоа, се чинеше дека Флојд изгуби свест, но полицаецот ја задржа идентичната позиција кон жртвата. Тој починал за кратко време откако го однеле во болница.
Четворица полицајци се отпуштени поради убиството, а настанот предизвика масовни протести и негодување против полициската бруталност. Семејството на Флојд рече дека сака полицајците да бидат обвинети за убиство.
Смртта на Флојд има многу сличности со онаа на Ерик Гарнер, кој почина за време на неговото фатално апсење во 2014 година во Њујорк, а кој, исто така, неколкупати ѝ велел на полицијата дека не може да дише.