Tufan Aktaş
07 Февруари 2019•Ажурирај: 08 Февруари 2019
АДИС АБЕБА (АА) – Генералната секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Африка (UNECA), Вера Сонгве, истакна дека 97 отсто од светското бегалско население се наоѓа во Африка и Азија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред одржувањето на 32. Самит на лидерите на Африканската унија, во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, започна состанокот на Извршниот одбор на Африканската унија, кој се одржува со учество на министрите за надворешни работи на земјите членки.
Генералната секретарка Сонгве, во своето обраќање на средбата пред одржувањето на Самитот, чија централна тема оваа година ќе бидат бегалците и раселените лица, сподели значајни податоци за миграционите бројки на континентот.
Истакнувајќи дека проблемот со имиграцијата е повеќедимензионален и компликуван проблем, Сонгве потенцираше дека приказните на повеќето жени и деца се слични, особено на оние што се раселени.
„Денес на африканскиот континент има 14,7 милиони раселени лица и 7,3 милиони бегалци“, рече Сонгве, истакнувајќи дека од вкупно 22 милиони, 2 милиона ги напуштиле своите домови во првите 6 месеци од 2018 година.
Сонгве, исто така изјави дека азискиот и африканскиот континент се дом на 97 отсто од бегалците во светот, а три четвртини од внатрешнораселените лица се наоѓаат на овие два континента.
За решавање на кризата, Сонгве рече дека се потребни добро раководство, силни институции и лидерство.
- „Освен сплотување на редовите, друга алтернатива нема“
Претседателот на Комисијата за Африканската унија, Муса Факи Мухамед, нагласувајќи ја интеграцијата која е потребна во континентот, се осврна на неодамнешните случувања во светот.
Мухамед, истакнувајќи дека унилатерализмот е растечка политика во светот, рече: „Подемот на унилатерализмот не ни дава друга алтернатива, освен сплотување на редовите.“
Мухамед, исто така рече дека во време кога унилатерализмот е во подем, од суштинско значење е активното вклучување на Африканскиот монетарен фонд и Африканската централна банка во трговијата и економијата.
Се очекува голем број лидери од континентот да учествуваат на Самитот кој ќе се одржи на тема „Бегалци, повратници во земјата и внатрешнораселени лица: Трајни решенија за присилните раселувања во Африка“.
Од друга страна, се очекува на Самитот да биде избран новиот претседател на Претседателството на Африканската унија. Досега негов претседател беше претседателот на Руанда, Паул Кагаме.
Самитот ќе се одржи во Етиопија од 10 до 11 февруари.