Ekip
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека не е среќна поради можната пропаст на Транспацифичкиот трговски договор, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека неговата земја ќе се повлече од него, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меркел во своето обраќање во германскиот парламент денес не го спомна директно Трамп, но ги повика државите глобалните проблеми да ги решаваат со мултилатерален пристап.
„Искрено ќе ви кажам.Не сум среќна што Транспацифичкиот договор веројатно нема да стане реалност, не знам кој ќе има корист од тоа?”, се запраша Меркел пред парламентот кој денес дискутира за буџетот од 2017 година и додаде:
„Знам само една работа, а тоа е дека ќе има и други трговски договори, но тие нема да имаат стандарди како овој договор и да се надеваме дека ТТИП ќе ги има”.
Меркел зборувајќи за ТТИП мислеше на планираниот Трансатлантски договор за трговија и инвестиции помеѓу Европската унија и САД.
Транспацифичкиот договор го потпишаа САД, Австралија, Брунеј, Канада, Чиле, Јапонија, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур и Виетнам, а со нив е предвидено укинување на даноците на трговијата и инвестициите.