Cüneyt Karadağ
17 Декември 2020•Ажурирај: 19 Декември 2020
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека земјата е горда на успесите на основачите на биотехнолошкиот гигант „БајоНТех“, Угур Шахин и Озлем Туреџи, кои развија вакцина против коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Многу сме горди на вас. Можам да го кажам тоа во име на германската Влада“, рече Меркел во текот на видеоконференцискиот состанок со Шахин и Туреџи, двајца научници со потекло од Турција.
Нагласувајќи ја важноста на новоразвиената вакцина за борба против коронавирусот, Меркел изрази надеж дека многу човечки животи ќе бидат спасени со вакцини развиени од двајцата научници под покровителство на компаниите „Фајзер“ и „БајоНТех“.
Меркел рече дека ѝ е мило што и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанокот на лидерите на Г20 го истакнал тоа дека Шахин и Туреџи се со потекло од Турција.
Истакнувајќи дека нивната фирма стана светло на крајот од тунелот, Меркел рече дека поминало времето кога никој не верувал во работата и стручноста на Шахин и Туреџи.

„Вие ѝ верувавте на вашата технологија. И покрај вонредната состојба во светот, таа mRNA технологија брзо дојде на пазарот. Тоа е показател за одличното истражување. Треба да ѝ веруваме на науката и да ја поддржуваме. Не се искористени сите потенцијали на mRNA технологијата, ви честитам“, рече Меркел.
Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, нагласи дека вакцината е произведена во германскиот град Мајнц, дека е потврдена како безбедна, и дека Германија има причина да биде горда.
Научникот Угур Шахин, пак, изјави дека зад 11-месечниот проект за развој на вакцината против Ковид-19 стои тридецениска работа на полето на зајакнувањето на имунитетот и борбата против ракот.
Шахин им се заблагодари на сите што му давале поддршка на неговиот тим од почетокот на проектот.
Истакнувајќи дека работи со стручњаци од над 60 земји, Шахин рече дека на развојот на вакцината работеле заедно и непрекинато.
Тој додаде дека е целосно сигурен дека враќањето во нормален живот ќе биде можно до следната зима и дека повеќе нема да има потреба од рестриктивни мерки и карантини, и истакна дека тимовите исто така ќе работат за време на претстојните празници за вакцините да бидат доставени во сите држави.

Научничката Озлем Туреџи на состанокот рече дека одлуката за истражувањето со цел развој на вакцина против Ковид-19 започнала на 24 јануари, и дека во Велика Британија веќе се вакцинирани најмалку 140.000 луѓе.
„Резултатите од истражувањето се совпаднаа со резултатите од клиничките активности. Меѓутоа, маратонот не е завршен“, порача Туреџи.
Властите на Германија најавија дека на 27 декември ќе се започне со масовна вакцинација со вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ и „БајоНТех“, а вакцинацијата веќе започна во Велика Британија, САД и во уште неколку земји.