29 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон, пред главниот состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан изјавија дека ќе се разговара за стабилноста на регионот и додадоа дека тензиите во регионот не му се од корист никому, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел во обраќањето за новинарите рече дека Франција и Германија се носители на идејата дека земјите во регионот на Западен Балкан треба заедно да работат на јакнењето на стабилноста.
„Сакавме во неформални рамки да разговараме со лидерите на Западен Балкан“, рече Меркел.
Таа додаде дека една од темите во Берлин е и прашањето на односите меѓу Србија и Косово и како тоа ова прашање да се покрене од мртвата точка.
„Денес ќе биде отворена дискусија, а не донесувањето одлуки“, рече Меркел.
Макрон, исто така, истакна дека ќе се разговара за односите на Србија и Косово, како и за продолжување на дијалогот меѓу двете страни.
„Немаме намера да препорачаме некое одредено решение, туку сакаме да се согледаат сите опции и да се обидеме да придонесеме тие да бидат без регионални тензии. Одговорноста е на сите нас одговорно да работиме со цел двете страни, Белград и Приштина, да продолжат со досегашните разговори“, рече Макрон.
Напомена дека неговата земја има нова стратегија за ангажман во регионот, која денес ќе биде претставена пред партнерите.
„Во текот на деведесеттите години, Франција беше многу ангажирана. Потоа малку се повлековме, но сега сакаме повторно да работиме на развојот“, рече тој, додавајќи дека тензиите во регионот не му се од корист никому.
Да потсетиме, Ангела Меркел, канцеларката на Германија и Емануел Макрон, претседателот на Франција, во Берлин организираа состанок на кој се поканети претставниците на земјите од Западен Балкан, како и Хрватска, Словенија и Европската комисија. Главната тема на разговорите се стабилноста и развојот на Западен Балкан.