Meltem Bulur,Nazlı Yüzbaşıoğlu
08 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел, најави формирање на контингент за приемот на сириските бегалци во земјите на конечна дестинација на бегалскиот пат со цел "прифаќањето на бегалците во таа земја да се озакони, а нелегалната миграција да биде спречена", јавува Anadolu Agency (АА ).
"Мора да бидеме подготвени на законско прифаќање на бегалците и затоа сакаме да имаме контингент со кој ќе бидат регулирани рамките за прием на голем број луѓе и за тоа ќе зборуваме уште на ниво на ЕУ", рече германската канцеларка на прес-конференцијата по состанокот со премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу.
Ангела Меркел потсети дека илјадници луѓе кои страдаат поради војната во Сирија, и понатаму се загрозени од руските воздушни напади во земјата. Таа најави дека Германија ќе обезбеди конкретна помош во обезбедувањето на храна и друга хуманитарна помош за бегалците во новоподигнатите кампови во близина на сириско-турската граница.
Посочувајќи дека со колегата Давутоглу разговарала конкретно за прашањето на нелегалната миграција на турско-грчката граница, Меркел најави интензивирање на соработката меѓу турските и европските безбедносни сили за борба против овој проблем.
Потсетувајќи дека ЕУ во рамките на договорениот акционен план одлучно се обврза да уплати три милијарди евра за да помогне во згрижувањето на бегалците од Сирија, Меркел рече дека на сириските деца мора што е можно поскоро да им се овозможи процесот на образование. Таа додаде дека Турција им овозможи привремен дом на сириските бегалци.
"Ние сакаме што побрзо да им овозможиме на сириските бегалци од Турција на легален начин да ги примиме во Европа и да го поделиме товарот на Турција. Во моментов на сцената имаме илегална миграција и шверцери кои заработуваат пари. Ние сакаме да се спречи тоа", порача Меркел.