АНКАРА (АА) – Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим утре ќе ја посети Малта, островска земја кој секоја година пречекува 4 пати поголем број туристи од вкупниот бројот на жители во земјата. Малта е важен избор во Европа од страна на луѓето кои сакаат да научат англиски јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Малта се наоѓа на југот од Европа, во централниот дел на Средоземното Море, а се состои од три големи и два помали острови.
Главниот град на државата, Валета е специфичен по тоа што е најмалиот град во рамките на Европската Унија (ЕУ). Вкупната површина на Малта изнесува 316 квадратни километри, а има население од околу 420.000 жители. Малтежаните сочинуваат 96 проценти од населението на островот.
Втора по големина странска група на островот, со 2,4 проценти од населението, се Британците. Во оваа држава, покрај малтешкиот се зборува и англиски јазик.
Малта беше припоена кон Британија во 1814 година, а својата независност ја доби во 1964, додека пак, во 1974 година се прогласи за република. Државата е парламентарна република, претседател е Мари Луиз Колеиро Прека, а премиер е Џозеф Мускат.
Малта своите преговори за пристап кон ЕУ ги започна во 2000 година, а стана членка на Унијата на 1. мај 2004 година. Оваа држава го презеде периодичното шестмесечно претседателство со ЕУ, на 1. јануари 2017 година, а е членка и на Обединетите нации (ОН). Малта не е членка на НАТО.
- Туризмот сочинува 35 проценти од државниот приход -
Островот Малта, кој се наоѓа во централниот дел на Медитеранот, секоја година е домаќин на голем број туристи од различни делови на светот.
Придонесот на туризмот во бруто домашниот производ на Малта, која пречекува околу 4 пати повеќе туристи од вкупниот број на населението во земјата, изнесува околу 35 проценти годишно. Во 2015 година, Малата ја посетија околу 1,8 милиони туристи.
Двигатели на малтешката економија, освен туризмот, се поморството, транзитниот транспорт, финансиите и морското осигурување.
Секторот на услужни дејности учествува со 74 проценти во малтешката економија, индустрискиот сектор со 23 проценти, а земјоделието со 3 проценти.
Друга карактеристика за оваа држава е тоа што таа е важен избор за оние што сакаат да научат англиски јазик во Европа.
- Односите Турција – Малта -
Дипломатските односи меѓу Турција и Малта започнаа во 1967 година. Турската амбасада во Валета започна со своите активности на 8. октомври 2009 година, а конзулатот на Малта во Истанбул започна со работа на 14. април 2009 година.
Економските односи меѓу двете држави се одвиваат во рамките на Турско-малтешкиот деловен совет, кој е формиран во 2007 година. Советот претставува важна платформа за проценување на потенцијалот на инвестициските можности за бизнис заедницата.
Покрај тоа, турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ во мај 2013 година започна со директни летови на линија Истанбул – Малта.
- Проблем со неконтролираната миграција -
На неформалниот Самит на лидерите на ЕУ, кој се одржа на 3. февруари, во главниот град Валета, во рамките на привременото претседателство на Малта со ЕУ, беше разговарано за проблемот со неконтролираната миграција, кој произлегува од притисоците кон Малта и Италија, држави низ коишто поминуваат бегалците што доаѓаат од Либија, преку Медитеранот, за да пристигнат во Европа. Исто така, беше разговарано за односите со САД и за иднината на ЕУ.
Во насока на спречување на овој проблем со миграциите во Средоземното Море, од овој самит произлезе „Малтешката декларација“, како и одлуките за помош на Либија. ЕУ со оваа декларација се надева дека ќе се смени трендот на приливот на бегалци од Либија кон Италија, кој е во пораст во последните 5 години.
Во рамките на билатералните односи меѓу Турција и Малта, премиерот Јилдирим минатиот декември се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Малта, Ангело Фаругиа во Анкара. Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во март 2015 година ја посети Малта, со што стана првиот министер што ја посетил оваа држава.