Rahmi Gündüz
09 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Новоизбраниот претседател на Франција, Емануел Макрон, во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека ќе го брани глобалниот договор за борбата против климатските промени, кој е потпишан во 2015 година во Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Лоренс Хаим, портпарол на новоизбраниот француски шеф на државата, Макрон, соопшти дека првиот човк на САД, Доналд Трамп, телефонски разговарал и му честитал на Макрон за изборната победа што ја оствари во неделата, во вториот круг на претседателските избори.
Макрон му посочи на Трамп дека борбата против климатските промени е многу важна и за францускиот народ е чувствително прашање, и порача дека посветено ќе се бори за почитување на договорот што челниците на државите го потпишаа пред две години во Париз.
Хаим исто така изјави дека Макрон и Трамп разговарале и за низа други прашања, вклучувајќи ја борбата против тероризмот.
И канцеларијата за односи со јавноста на Белата куќа соопшти дека Трамп телефонски му честитал на новиот француски колега за изборната победа, но во соопштението од Вашингтон не се споменува тоа дека Макрон акцентот на разговорот го ставил на борбата против климатските промени.
Од Белата куќа соопштија дека Трамп сака да работи на интензивирање на билатералната соработка со Франција, како настар сојузник на САД.
Американскиот претседател Трамп по доаѓањето на функција најави можност за повлекување на САД од договорот за глобалната борба против климатските промени.