İlayda Çakırtekin
12 Февруари 2025•Ажурирај: 13 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон го одби барањето на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да ја блокира продажбата на ракетите Метеор на Анкара, објавија грчките медиуми, пренесува Анадолу.
За време на нивната средба на Самитот за вештачка интелигенција во Париз, Макрон истакнал дека запирањето на продажбата на ракетите Метеор на Туркије не е возможно бидејќи станува збор за оружје произведено од европскиот конзорциум МБДА, кој го сочинуваат Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Шпанија и Шведска, објави дневниот весник ЕФСЈН.
Атина, според наводите, планира да се обрати до другите земји членки на конзорциумот во обид да ја спречи продажбата на ракетите на Анкара.
Во рамките на напорите за зајакнување на својата воздушна одбрана, Туркије води преговори за да набави до 40 ловци EФ-2000 Еурофајтер, кои треба да ја модернизираат нејзината авијација во услови на зголемени регионални закани.
Според извештаите, ракетите Метеор се дел од предложениот пакет за набавка на Еурофајтер. Грција, која во последно време ги зголеми своите воени набавки, вклучително и модернизацијата на флотата на Ф-16 и купувањето на француските авиони Рафал опремени со ракети Метеор, силно се противи на продажбата на ова вооружување на Туркије.
На 29 јануари грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас ги повика францускиот амбасадор и военото аташе во Атина за да го изрази цврстиот став на Грција против оваа зделка.
Подоцна, на 4 февруари, Мицотакис лично побарал појаснување од Макрон за преговорите околу ракетите за време на нивната средба на маргините на Самитот на ЕУ во Брисел.
Турски извори објавија дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Макрон во телефонски разговор минатиот петок зборувале за билатералните односи и соработката меѓу двете земји, меѓу другите теми.