Jeyhun Aliyev
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
АНКАРА
Високи турски официјални претставници денес упатија критики кон грчкиот претседател поради погрешното именување на муслиманското турско малцинство што живее во грчкиот регион којшто граничи со Турција, како „грчко муслиманско малцинство“.
„Претседателот на земјата, за која вели дека е лулка на демократијата, повторно го нарече муслиманското турско малцинство ’грчко муслиманско малцинство‘“, реагираше турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, со објава на Твитер, велејќи дека ова погрешно именување се случува „и покрај сите пресуди на Европскиот суд за човекови права“.
„Што и да речете, турското малцинство во Западна Тракија беше турско со векови и ќе остане турско ..!“, додаде Чавушоглу.
Во неделата, при посета на Западна Тракија, грчки регион со голема муслиманска турска популација, Прокопис Павлопулос изјави дека според Договорот од Лозана од 1923 година, Турците од Западна Тракија се само религиозно малцинство, додека православните Грци кои живеат во турската метропола Истанбул се национално малцинство.
Во говорот, Павлопулос го нарече грчкото малцинство во Истанбул како „грчко малцинство“, додека изразот „грчко муслиманско малцинство“ го употреби за турското малцинство што живее во Западна Тракија.
- Челик: „Негирањето на муслиманското турско малцинство е за секаква осуда“
Омер Челик, портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Parti), исто така упати критики кон грчкиот лидер.
„Крајно погрешно е тоа што грчкиот претседател Павлопулос го нарече муслиманското турско малцинство „муслиманско грчко малцинство“ за време на неговата посета на Западна Тракија. Негирањето на идентитетот на муслиманското турско малцинство е акт кој заслужува осуда“, напиша тој на Твитер.
Челик го повика Павлопулос правилно да се обраќа кон муслиманското турско малцинство почитувајќи ги демократските вредности, додавајќи дека е неприфатливо политичарите да започнуваат систематски напади против идентитетот на Турците муслимани во земја членка на Европската Унија (ЕУ).
Со децении Грција спроведува политики за потиснување на муслиманското турско малцинство во Западна Тракија - честопати кршејќи ги европските судски пресуди - како што е негирањето на правото да избираат свои муфтии (верски водачи) или забрана за зборот „турски“ во името на здруженијата.
„[Идентитетот на] муслиманското турско малцинство е историски факт во Западна Тракија. Никој не може да го промени овој факт. Именувањето на муслиманското турско малцинство како „муслиманско грчко малцинство“ претставува расистички пристап“, додаде Челик.
Тој, исто така, рече дека напорите за промена на историските факти во однос на турската заедница во Западна Тракија се залудни, и дека е жално да се гледаат едни вакви „расистички пристапи“ спротивни на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Оние што се обидуваат да ја претстават турската заедница во Западна Тракија како „закана“ и „опасност“ прават штета на својата демократија.“
Челик рече дека турската заедница во Западна Тракија е моќен ресурс за грчката демократија.
Атина тврди дека изразот „турско малцинство“ не се наоѓа во Договорот од Лозана склучен во 1923 година, кој ги дефинира границите на современата турска држава по турската Војна за независност.
Во грчкиот регион на Западна Тракија живеат околу 150.000 припадници на муслиманското турско малцинство.
Следниот месец, Павлопулос ќе го наследи Екатерини Сакеларопулу, поранешна судијка. Грчкиот Парламент во јануари ја избра првата жена претседател на државата.