Mehmet Hatipoğlu
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ЃУМУРЏИНА (АА) – Вработените во јавната администрација во Грција стапија во 24-часовен штрајк, јавува Агенција Анадолија (АА).
На штрајкот, по повикот на Конфедерацијата на јавни службеници во Грција (ADEDY), Работничкиот фронт (PAME) и Центарот на работниците во Атина (EKA), се приклучија и вработените во локалната самоуправа, новинарите, вработените во јавните болници, во железниците и пристаништата.
За време на штрајкот настанаа проблеми во услугите на владините институции и некои општини. Веб-страниците кои објавуваат вести, во одредени периоди од денот не објавуваа нови вести, а во приватните и државните ТВ-канали не се објавуваа вестите.
Меѓуградските возови беа откажани, а некои бродови останаа на пристаништата.
Од друга страна, поддршката на штрајкот од страна на вработените во јавниот превоз, во одреден период од денот, негативно влијаеше на одвивањето на сообраќајот во главниот град Атина.
Во рамките на штрајкот, разни синдикати, особено Конфедерацијата на јавни службеници во Грција (ADEDY), Работничкиот фронт (PAME) и Центарот на работниците во Атина (EKA) организираа протести во Атина.
По демонстрациите на плоштадите „Клафтмонос“ и „Омониа“, демонстрантите се упатија кон плоштадот „Синтагма“, каде што се наоѓа и Парламентот.
Предлог-законот „Реформите во осигурувањето и дигиталната трансформација на Националната установа за социјално осигурување“, подготвен од Владата, вчера беше доставено до Собранието за усвојување. Предлог-законот предвидува зголемување на премиите за осигурување и уредување на пензиите според инфлацијата.
Вработените во администрацијата и работниците кои се спротивставуваат на Предлог-законот сакаат ограничувањата наметнати за социјално осигурување за време на годините на финансиска криза да бидат отстранети и сите пензиски фондови да бидат под државна гаранција.
Вработените во администрацијата и работниците, исто така, ги бараат двете плати кои се даваат за време на празниците, а кои се познати како 13-та и 14-та плата.