Aldıjana Hadzıc
25 Ноември 2018•Ажурирај: 25 Ноември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон го поддржа Договорот за Брегзит, односно излезот на Обединетото Кралство од Европската Унија (ЕУ), кој го усвоија денес лидерите на 27-те земји членки на Унијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Верувам дека Договорот, кој е постигнат како резултат на изборот на британските државјани, е добар и го поддржувам“, рече Макрон во Брисел.
Тој смета дека Договорот е постигнат, благодарејќи на големиот труд и низата рунди преговори кои и понатаму траат.
„Апсолутно е јасно дека Обединетото Кралство ќе продолжи да игра важна улога“, рече Макрон, коментирајќи ги односите меѓу Лондон и Брисел по Брегзит.
Смета дека Брегзит ја сигнализира потребата од реформа во Европската Унија.
Дваесет и седумте членки на ЕУ денес го усвоија Договорот за повлекување и политичката Декларација која ги одредува односите помеѓу Европската Унија и Обединетото Кралство.
Текстот на Договорот за повлекувањето кој го составија преговарачите на Европската Унија и Велика Британија треба да донесе правна јасност во врска со сите прашања кои ќе се појават по Брегзит.
Документот за политичката Декларација ќе биде смерница за односите кои во иднина ќе бидат воспоставени помеѓу Велика Британија и Европската Унија.
Документот за Брегзит од 585 страници треба да го усвојат Европскиот парламент и Парламентот на Велика Британија.
Велика Британија на референдумот одржан на 23 јуни 2016 година донесе одлука за напуштање на Европската Унија, популарно наречена Брегзит.
Велика Британија официјално ќе ја напушти Европската Унија на 29 март 2019 година.