Gamze Türkoğlu Oğuz
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
КАРАКАС (AA) – Социјалистичката партија на венецуелскиот претседател Николас Мадуро победи во 17 од вкупно 23 сојузни држави на Венецуела, и ѝ зададе нов тежок удар на тамошната опозиција која вчерашните регионални избори ги најавуваше како своевиден референдум против диктатурата, јавува Anadolu Agency (AA).
Изборната комисија на Венецуела соопшти дека кандидатите за гувернери од редот на владејачки социјалисти победиле во 17 сојузни земји, а опозициската Тркалезна маса за демократија (MUD) ги добила изборите во пет сојузни држави. Резултатите од единствената преостаната сојузна држава се очекуваат.
Претседателот на Комисијата, Тибисај Лучена, соопшти дека излезноста на изборите била 61 отсто. Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи изборна победа и ја повика опозицијата да ги признае резултатите од изборите.
Од друга страна, опозицијата најави поднесување жалба поради нерегуларности во изборниот процес.
Шефот на предизборната кампања на Тркалезна маса за демократија, Херардо Блејд, изјави дека нема да ги признае резултатите и ќе бара независна ревизија на изборите.
Иако предизборните кампањи предвидуваа дека опозицијата ќе победи во дури 18 сојузни држави, владејачките социјалисти ја задржаа власта.
Изборите во Венецуела се одржани по повеќемесечните протести на опозицијата која Мадуро го обвинува за рушење на демократијата и воспоставување на диктатура. Протестите и понатаму траат, а досега во нередите на улиците животот го загубија најмалку 125 лица.