Muhammet Tarhan,Beyza Binnur Dönmez,Mustafa Deveci
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - МУХАМЕТ ТАРХАН -
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги обвини Соединетите Американски Држави дека го саботираат мексиканскиот дијалог, преговарачкиoт процес меѓу Владата на Венецуела и опозицијата со цел надминување на политичката криза во земјата.
Мадуро, во рамките на официјалната посета на Анкара, за Агенција Анадолија (АА), меѓу другото, ја коментира и ситуацијата во Венецуела и нејзините односи со Аргентина и Мексико.
Нагласувајќи дека отсекогаш постоел процес на национален дијалог меѓу венецуелската Влада и опозицијата, Мадуро рече дека дијалогот ќе продолжи.
Потсетувајќи дека неодамна се состанал со сите опозициски актери и политички партии во Венецуела, Мадуро рече дека разговарале за можноста за враќање на мексиканскиот дијалог на дневен ред.
„Разговорите во Мексико се многу добри и со добро дефинирана агенда. За жал, американската Влада му заби нож во грб на мексиканскиот дијалог. Сега се обидуваме да постигнеме консензус со сите опозициски актери за да се обидеме да се вратиме во Мексико. Се надевам дека ќе биде постигнат напредок следната недела“, рече Мадуро.
Коментирајќи ги односите на неговата земја со соседите, Мадуро рече дека е задоволен од тековните процеси за подобрување на односите со Мексико и Аргентина.
„За време на мојата посета на Туркије добив информација дека Мексико назначил амбасадор во Каракас. Тој пристигна. Ќе биде примен во Министерството за надворешни работи. Ќе прифатам да го предаде акредитивното писмо штом се вратам во Каракас“, објави Мадуро.
Потенцирајќи дека аргентинскиот претседател Алберто Фернандез назначил нов амбасадор во Каракас и дека неговото доаѓање се очекува наскоро, Мадуро рече дека сака да работи на зајакнување на економската, дипломатската, политичката и енергетската соработка со Аргентина.
Венецуелскиот претседател Мадуро понатаму во интервјуто рече дека тој и неговата сопруга Силија Флорес сакаат да гледаат турски ТВ-серии.
„Турските серии се добри и ние сакаме да ги гледаме. Ги гледавме сериите „Ертугрул“, „Сулејман Величествениот“ и „Пајтахт Абдулхамид“. Овие денови го гледаме „Осман““, изјави Мадуро.
Тој раскажа дека се сретнал со сценаристот и продуцент на серијата „Осман“, Мехмет Боздаг, и ја најавил претстојната премиера на серијата на венецуелската телевизија.
„Досега „Ертугрул“ ми беше омилена серија, но сега серијата „Осман“ го зазеде нејзиното место“, рече Мадуро, додавајќи дека му препорачале да ја гледа и турската серија „Дестан“.