Emre Aytekin
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
ПЕКИНГ (АА) - Воен авион на кинеското воздухопловство се урнал во населено место за време на тренинг-лет во градот Лаохекоу во провинција Хубеј, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во локалните медиуми, авионот кој полетал од поранешен цивилен аеродром и кој денес се користи за воена обука, од засега непознати причини се урнал врз населено место.
Во објавената видеоснимка може да се забележи дека во пламен се некои од зградите во подрачјето во кое се урнал авионот.
Според првичните проценки, во несреќата животот го загубило едно лице, а двајца се повредени.
Пилотот на авионот се спасил пред урнувањето на авионот скокајќи со падобран.
Пилотот и повредените се префрлени во локалните болници, а се стравува од можноста за зголемување на бројката на починати и повредени.