Ekipa
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската унија денес додели уште 205 милиони евра (220 милиони долари) хуманитарна помош за Украина „со оглед на зголемените хуманитарни потреби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дополнителната помош го носи вкупниот придонес на блокот за хуманитарна помош на над 700 милиони евра како одговор на руската војна против Украина.
„Во овој момент на криза, наша должност е да застанеме покрај најранливите“, рече еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчиќ.
„Со ова финансирање, нашите хуманитарни партнери обезбедуваат храна, вода, здравствена заштита, засолниште, заштита и парична помош”.
Ленарчиќ, кој го посети украинскиот град Ирпин за да се сретне со хуманитарни организации и владини претставници на високо ниво за да помогне во координирањето на одговорот на ЕУ на терен, рече дека е длабоко шокиран поради злосторствата извршени таму.
„Цивилите и цивилната инфраструктура не смеат да бидат цел, никогаш, никаде. Повторно, најжестоко ги осудувам намерните напади врз цивилите и цивилната инфраструктура“, напиша тој на Твитер.
27-те земји-членки, како и Туркије, Норвешка и Северна Македонија, ја извршија „најголемата досега мобилизација“ на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за да се овозможи помош во Украина, се вели во соопштението.
Покрај финансиската хуманитарна помош, тие обезбедија и повеќе од 38.000 тони помош, како што се комплети за прва помош, храна, заштитна облека, противпожарни возила, мобилни болници и енергетски резерви во вкупна вредност од 373 милиони евра.
Над 14 милиони луѓе мораа да ги напуштат своите домови во Украина од почетокот на војната во февруари, од кои речиси 7 милиони луѓе ја преминаа границата кон соседните земји.
Според ОН, до 15,7 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош во земјата.
Тони украински и руски жита и маслодајни семиња остануваат затворени поради воениот конфликт, предизвикувајќи глобален недостиг и зголемување на цените. Русија, која е обвинета дека користи храна како оружје, вели дека западните санкции се виновни за недостигот на храна.