Gamze Türkoğlu Oğuz
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - САД оценија дека регионалните избори во Венецуела не биле транспарентен демократски чин, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Изборите во Венецуела не беа слободни, ниту транспарентни, и ги осудуваме одговорните за тоа. Гласот на народот на Венецуела на таквите избори не можеше да се слушне“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нојерт.
Официјален Вашингтон исто така тврди дека на изборите во Венецуела немало доволно независни и сигурни набљудувачи, а дека сето тоа резултирало со манипулација на изборната машинерија во рацете на владејачките социјалисти, предводени од претседателот на земјата, Николас Мадуро.
Изборната комисија на Венецуела вчера соопшти дека на регионалните избори во неделата, во 17 сојузни земји на Венецуела победила Социјалистичката партија на претседателот Мадуро. Опозицисиката коалиција МУД победи во пет сојузни земји, а се очекуваат изборните резултати уште од една држава.
Претседателот на Венецуела, Мадуро, прогласи победа, а опозицијата порача дека нема да ги признае резултатите од изборите, во пресрет на кои анкетните истражувања предвидуваа дека опозицијата би можела да победи во дури 18 покраини.
Изборите во Венецуела се одржаа по повеќемесечните протести на опозицијата којашто го товари Мадуро за рушење на демократијата и воспоставување диктатура. Протестите и понатаму траат, а досега во нередите на улиците животот го загубија најмалку 125 лица.