Bayram Altuğ
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека бројот на араканските муслимани кои од 25 август пристигнаа во Бангладеш, бегајќи од насилствата во Мјанмар, достигна бројка од 582.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци при ОН (УНХЦР), Андреј Махечиќ, на прес-конференцијата којашто се одржа во канцеларијата на ОН во Женева, истакна дека од неделата досега околу 10 до 15 илјади аракански бегалци, преку граничниот премин Анџиман Пара преминале во Бангладеш.
Махечиќ пренесе дека бегалците кои преминале во Бангладеш, покрај секаков вид на смртни закани и ризици, најпрвин преферирале да престојуваат во нивните домови во Мјанмар, но, како што рече тој, откако биле запалени нивните села немале друго решение освен да бегаат кон Бангалдеш.
Истакнувајќи дека од 25 август досега 582.000 аракански муслимани преминале во Бангладеш, Махечиќ вели дека заедно со Црвената полумесечина на Бангладеш и другите хуманитарни организации се борат со времето против гладта и жедта во камповите.
Од 25 август, кога војската на Мјанмар под изговор за борба против вооружените милитанти во Aракан, започна акции против цивилите, убиени се илјадници муслимани. Бидејќи Мјанмарската администрација не дозволува влез ниту излез од областа, не е можно да се утврди точниот број на жртви.
Во последните напади, армијата и екстремистите запалија стотици села. Десетици илјади аракански муслимани сѐ уште се обидуваат да избегаат од регионот. Цивилите кои бегаат од Мјанмар, преку планинските области, реката Наф или по морски пат преминуваат во Бангладеш.