Dilara Afıfı,Gülşen Topçu
17 Ноември 2023•Ажурирај: 18 Ноември 2023
ГАЗА (АА)
Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, изјави дека силите на отпорот се подготвени за долготрајна војна и дека „со својата борба ја отворивме вратата за стратешки трансформации“, јавува Анадолу.
Во видеоснимката што ја објави, Ханије зборуваше за борбата против Израел во Појасот Газа, за нападот на непријателот, за последиците и за одлуките донесени во Обединетите нации (ОН) и на заедничкиот вонреден самит на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) и Арапската лига.
Изјавувајќи дека силите на отпорот во Газа покажале невидена храброст и херојство и задале болни удари на непријателската армија, Ханије ги опиша силите на отпорот во Појасот Газа како војници на Алах и рече „дека Алах ќе го исполни своето ветување преку овие луѓе“.
Ханије нагласи дека Палестинците на Западниот Брег, како и во Газа, се борат против упадите и нападите, притворањето и конфискацијата на земјиштето од страна на израелските сили и еврејските доселеници.
Тој истакна дека палестинскиот отпор се бори за заштита на Палестина и светите вредности на уметот.
„Движењето на отпорот води стратешка битка со Израел и ќе излезе само како победник. Доколку Израел сака оваа војна да биде долготрајна, нашиот здив ќе биде подолг од нивниот. Отпорот ќе го има последниот збор во оваа војна, а светот ќе види дека бригадите Ал-Касам и силите на отпорот го поразуваат окупаторот во Газа, исто како и пред 18 години“, рече Ханије.
Истакнувајќи дека Хамас се вкоренил во палестинската земја и дека Израел и неговите сојузници не можат да ја променат оваа реалност во Газа, Ханије рече:
„Непријателот може да постави онолку цели колку што сака и да ја подигне границата, сите ќе бидат уништени. Единствен кој има збор во одредувањето на иднината на Газа и Палестина е палестинскиот народ.“
Обраќајќи му се на целиот исламски свет, Ханије рече:
„Газа даде пример што не е виден во исламскиот свет 100 години. И покрај блокадата и неволјите, Газа ја отвори вратата за стратешки трансформации и влезе во историјата. Ова им нанесе голем удар на темелите на ционистичкиот проект.“