Çağrı Koşak
15 Април 2021•Ажурирај: 16 Април 2021
ТРИПОЛИ (АА) - Утринава избија оружени судири меѓу ривалските милитанти лојални на Калифа Хафтар во крајбрежниот град Сирт, велат воени извори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најмалку едно лице загина и четири се повредени за време на судирите меѓу милитантите од Бригадата „Ал Канијат“, 166. Бригада и Бригадата „Версефане“ во Сирт“, изјави за АА генералот Абдулхади Дирах, портпаролот на Заедничката оперативна единица на либиската армија „Сирт-Јуфра“.
Причината за судирите останува нејасна.
На 2 февруари годинава, во Сирт се случи судир меѓу милитантите на Хафтар, кога Бригадата „Тарик бин Зијад“ започна напад врз главниот штаб на Бригадата „Ал Канијат“.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи.
Војната се влоши кога Хафтар, поддржан од неколку земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Египет, Русија и Франција, изврши воен напад за соборување на меѓународно признатата Влада со седиште во Триполи за контрола над земјата.
На 23 октомври 2020 година беше постигнат прекин на огнот под покровителство на ОН, што милицијата на Хафтар одвреме-навреме го кршеше.
На 5 февруари, ривалските политички групи на Либија се договорија за време на разговорите со посредство на ОН во Женева да формираат привремена влада што ќе ја води земјата на избори овој декември. Либиските делегати го избраа Мохамад Менфи за претседател на тричлениот Претседателски совет и Абдул Хамид Дбеибех за нов премиер.