Ahmet Furkan Mercan
15 Април 2021•Ажурирај: 16 Април 2021
ТОКИО (АА) - Побарана е отштета од 900 милиони долари од јапонската компанија, сопственик на товарниот брод „Евер гивен“, кој минатиот месец го блокира Суецкиот Канал и предизвика запирање на поморскиот сообраќај во времетраење од околу една недела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на јавниот радиодифузер НХК (NHK), засновани на извори на јапонската фирма „Шоеи Кисен“, со седиште во провинцијата Ехиме, управата на Суецкиот Канал од сопственикот на бродот побарала отштета од 900 милиони долари.
Јапонската фирма соопшти дека барањето за надомест на штета, кое вклучува губење на надоместоците кои се плаќаат при премин од каналот и одблокирање на заглавениот брод се со „невидена големина“ и дека тврдењата не се засноваат на „јасни принципи“.
Јапонската фирма исто така соопшти дека ќе ги продолжи преговорите со управата на Суецкиот Канал.
Како резултат на заглавувањето на бродот „Евер гивен“, долг 400 метри, позајмен од тајванската компанија „Евергрин“, во Суецкиот Канал на 24 март се формираа долги редици бродови што предизвика нарушувања во пратките од сурова нафта и ЛНГ поради прекинот на морскиот сообраќај.
По завршувањето на работите, управата на Суецкиот Канал на 29 март соопшти дека напорите за одблокирање на гигантскиот товарен брод успешно се завршени и дека каналот е отворен за поморски сообраќај.