Ahmet Furkan Mercan
15 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ТОКИО (АА) - АХМЕТ ФУРКАН МЕРЏАН -
Монахот од јапонски будистички храм, Нипонзан Миохоџи Сатоу, порача дека израелското раководство не може да извојува успех убивајќи Палестинци и земајќи ја нивната земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Токио вчера се одржаа протести за поддршка на Палестина против израелските напади. Собирот беше организиран од невладини организации, а го поддржаа и будистичките монаси и Христијанската мрежа за мир. Демонстрантите носеа знамиња на Палестина, Египет, Пакистан, Јапонија и Турција.
Демонстрантите со протестен марш пропешачија неколку километри низ улиците на Токио, а меѓу нив имаше и монаси во традиционална будистичка облека.
Во текот на поворката ги извикуваа паролите „Стоп на убивањето“, а насобраните се помолија за настраданите палестински цивили.
Монахот Сатоу упати апел за итно запирање на убиствата на Блискиот Исток.
Истакнувајќи дека конфликтот меѓу Израел и Палестина трае со децении, монахот Сатоу рече дека војната мора да запре и дека народите треба да постигнат консензус за соживот на тоа подрачје.
„Израелците немаат право да убиваат Палестинци. Успех и решение не може да се постигнат со убивање и со одземање на туѓа земја. Тоа е недопустливо. Ние немаме моќ во наши раце да го запреме тоа, можеме само да се молиме“, порача Сатоу.
Израелските сили од 10 мај изведуваат жестоки напади врз блокираниот Појас Газа. Досега во тие напади убиени се најмалку 139 Палестинци, меѓу кои 39 се деца и 22 жени. Повредени се најмалку 950 лица.
Последните жртви на израелските напади се две жени и осум деца кои се убиени во напад врз куќа во бегалскиот камп „Ал Шати“.