Gökhan Kavak
09 Јануари 2018•Ажурирај: 10 Јануари 2018
АБУЏА (АА) - Група мигранти од Нигерија, кои по илегален пат сакале да стигнат до Европа, се продадени како робови во Либија, јавува Anadolu Agency (AA).
Сулејман Лабаран, од Агенцијата за вонредни ситуации на Нигерија, за АА потврди дека трговците на луѓе продале 20 нигериски мигранти за 735 долари.
Тој потсети дека стотици Нигеријци, за време на акциите кои ги спроведува нигериската влада, се вратени во земјата. Лабаран истакна дека немаат информации за Нигеријците кои се продадени како робови.
„За жал, не знаеме каде се и во каква состојба се тие лица. Либиската влада би требало да преземе сериозни чекори во врска со оваа ситуација“, појасни тој.
Лабаран нагласи дека нигериските мигранти живеат во многу лоши услови во Либија. Според неговите зборови, тие немаат храна, питка вода, а поголемиот дел од жените одНигерија се жртви на силување.
Лабаран изјави дека со цел безбедно враќање на мигрантите во Нигерија, ја продолжуваат соработката со Центарот за мигранти на земјата.
Тој потврди дека само во текот на изминатиот месец од Либија во Нигерија биле вратени 2.778 илегални мигранти.
Податоците на Центарот за миграции на Нигерија велат дека во текот на минатата година од Либија, Италија и Саудиска Арабија биле депортирани 2.778 мигранти.
Граѓаните на Нигерија поради економската криза и корупцијата живеат во многу лоши услови. Илјадници лица, поради судирите се принудени да ги напуштат своите домови.