Zehra Nur Düz
12 Јуни 2020•Ажурирај: 13 Јуни 2020
ТАРХУНА
Откако либиската армија го ослободи либискиот град Тархуна од нелегитимните милитантни сили во источниот дел на Либија предводени од Калифа Хафтар, беа откриени масовни гробници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Досега од масовните гробници се ексхумирани посмртни останки на 150 лица, вклучувајќи жени и деца.
„Вкупно осум масовни гробници, повеќето од нив во градот Тархуна, се пронајдени во Либија“, се вели во податоците објавени од Обединетите нации.
Либиските власти на 5 јуни објавија дека пронашле 106 тела во болницата во градот Тархуна, веднаш откако тој беше ослободен од силите на Хафтар.
Во писменото соопштение на медиумскиот центар на операцијата „Вулкан на гневот“ се вели дека според првичните проценки, жртвите биле егзекутирани.
Портпаролот на Министерството за здравство, Амин ал Хашеми, изјави дека на телата имало видливи траги на тортура и измачување.
Либискиот министер за внатрешни работи, Фати Башага, вчера објави дека, според првичните извештаи, силите на Хафтар изгореле некои затвореници во контејнери и закопале десетици други живи во масовни гробови.
Другите кои биле егзекутирани од страна на милитантите на Хафтар биле фрлени во бунари.
„Либиските безбедносни сили документираа многу „злосторства против човештвото“, извршени од милициите на Хафтар во градот Тархуна“, вели Башага во соопштението објавено од медиумскиот центар на операцијата „Вулкан на гневот“.
„Речиси 160 тела се пронајдени во Тархуна откако беа ослободени од либиската армија“, рече за АА, Бурави Масуд Мухамед Абу Зејд, заменик-главен лекар во болницата во градот.
Либиското Министерство за правда формираше истражувачка комисија за истражување на инцидентите во градот.
Мисијата на Обединетите нации во Либија (UNSMIL) повика на истрага за масовните гробници и злосторства во Тархуна.
„Добивме застрашувачки извештаи за масовните гробници. Меѓународното право бара властите да спроведат брза, ефикасна и транспарентна истрага за нелегалното страдање на луѓето“, се наведува во пораката на УНСМИЛ.
Либиската војска изминатите денови постигнува големи успеси во борбата против Хафтаровите милитантни сили, кои утрово останаа и без главниот коридор долг 350 километри, а кој ги поврзуваше Хафтаровите милитанти на западот и југот од земјата.
Изминатата недела Хафтаровите сили изгубија контрола врз повеќе градови во Либија, вклучувајќи ја и целата провинција Триполи и Тархуна, како и воздушната база Ватија. Либиската војска воспостави контрола и врз воените кампови „Ел-Текбали“, „Хамза“ и „Јермук“.
Во саботата либиската војска ја започна операцијата за ослободување на источниот и централниот дел на земјата, ослободувајќи го градот Вади Вишка кај Сирт.