Dilara Hamit
28 Јули 2020•Ажурирај: 28 Јули 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Прекинот на огнот на Либија треба да обезбеди градовите и стратешките области да не бидат изложени на никакви закани во иднина, изјави денес либискиот премиер Фајез ал Сараџ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Сараџ се вели дека тој се состанал со официјални претставници кои учествувале во Воениот комитет 5 + 5 со цел постигнување мир во земјата уништена од судирите.
Либискиот премиер истакна дека случувањата на воен план во Либија се камен-темелник на земјата и според тоа, политичките и економските процеси ќе бидат појасни.
Владата на Сараџ, признаена од ОН, соопшти дека трајниот прекин на огнот зависи од тоа дали силите на Калифа Хафтар ќе се повлечат од стратешките позиции.
Либиската влада е формирана во 2015 година според договорот склучен со посредство на ОН, но напорите за долгорочно политичко решавање на кризата не успеаја поради воената офанзива на Хафтар, кој е поддржан од Франција, Русија, Обединетите Арапски Емирати и Египет.
Од април 2019 година, нелегитимните сили на Хафтар започнаа напади врз либискиот главен град Триполи и други делови на северозападна Либија, во кои загинаа над 1.000 лица, меѓу кои и цивили - жени и деца.
Но, либиската Влада неодамна оствари значаен напредок, истерувајќи ги силите на Хафтар од Триполи и стратешкиот град Тархуна.
Турција ја поддржува легитимната Влада на Либија, а минатиот ноември двете држави потпишаа договор за соработка во областа на безбедноста.