İdiris Okuduci
09 Октомври 2023•Ажурирај: 09 Октомври 2023
БЕЈРУТ (АА) - Министерот за надворешни работи на Либан, Абдула Бухабиб, соопшти дека властите во земјата добиле „условно уверување“ за немешање на Хезболах во судирот меѓу палестинското движење Хамас и Израел, јавува Анадолу.
Бухабиб за саудискиот весник „Шарк ал-Авсат“ коментираше за можноста за вмешаност на движењето Хезболах во нападот што Хамас го започна против Израел на 7 октомври.
Наведувајќи дека либанската Влада добила уверување од Хезболах дека нема да интервенира во војната во Газа, Бухабиб рече дека Хезболах нема да интервенира доколку Израел не го загрозува и не го напаѓа Либан.
Израелската војска вчера соопшти дека од Либан бил извршен напад на контролен пункт во Израел и дека на нападот било одговорено со артилериски оган.
Одговорноста за нападот од Либан ја презеде групата Хезболах, која соопшти дека во израелските напади ранети се две деца.
Хашим Сафиудин, еден од челниците на Хезболах, вчера порача дека групата не е непристрасна во врска со судирот меѓу Хамас и Израел.