İnci Gündağ
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската авиокомпанија „British Airways“ (Бритиш ервејс БА) соопшти дека сите летови се вратени во нормала откако е поправен дефектот во компјутерскиот систем на компанијата, како и дека системот работи со полн капацитет, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашиот компјутерски систем се врати во нормала. Ќе се реализираат сите планирани летови на аеродромите 'Хитроу' и 'Гетвик'“, се вели во соопштението на компанијата во врска со доцнењето на услугите коешто започна во саботата, а и вчера делумно продолжи.
Во соопштението од компанијата се вели дека ќе биде потребно малку време за на патниците кои патувале без својот багаж, да им се врати багажот.
Почнувајќи од саботата, се појавија големи проблеми во летовите на „British Airways“ во светот, предизвикани од дефект во компјутерскиот систем на компанијата. Особено беа откажани голем број летови од аеродромите „Хитроу“ и „Гетвик“ во Лондон. Илјадници патници беа погодени од овој дефект, а некои од нив патуваа дури и без својот багаж.
Главниот извршен директор на компанијата, Алекс Круз, во својата вчерашна изјава за медиумите во врска со дефектот што погоди 75 илјади патници во светот, изјави дека се случил неколкуминутен прекин во компјутерскиот систем, поради зголемување на волтажата, но потоа, како што рече тој, не се активирале бекап единиците, и затоа проблемот станал посериозен.
Според соопштението, компанијата обезбедила сместување, транспорт и храна за патниците чии летови биле откажани или доцнеле, што предизвикало загуба од вкупно 100 милиони фунти, а само еднодневното откажување на работите, компанијата ја чинело 30 милиони фунти.
Проблемот со кој се соочи „British Airways“ се поврзува со отпуштањето од работа на еден искусен вработен, експерт за системите што ги користи компанијата, како и трансферирање на ИТ-услугите на една компанија со седиште во Индија.