Alma Çekovic
06 Февруари 2016•Ажурирај: 07 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Пред само две години, лондонскиот аеродром „Хитроу” беше најпрометен меѓународен аеродром во светот. Меѓутоа, минатата година таа титула ја зеде меѓународниот аеродром во Дубаи. Лондонскиот аеродром е и понатаму најпрометен меѓународен аеродром во Европа, но според статистиката, во тоа за две години би можело да го престигне истанбулскиот аеродром „Ататурк”, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната асоцијација на аеродроми во Европа (ACI) објави дека во 2015 година низ Хитроу поминале 75 милиони патници, што претставува за 2,2 отсто повеќе во однос на претходната година.
Парискиот аеродром „Шарл де Гол”, низ кој минатата година поминале 66 милиони патници, е втор најпрометен аеродром во Европа.
Најзначаен раст на посетеноста забележал истанбулскиот аеродром „Ататурк”, низ кој за 12 месеци поминале 62 милиони патници, односно 9,1 отсто повеќе во однос на 2014 година. Доколку во следните две години продолжи овој тренд на раст, истанбулскиот аеродром ќе го престигне „Хитроу”, велат од Асоцијацијата.
„Турскиот подем се чини неизбежен, бидејќи авијацискиот сектор ужива големи предности. Еден од нив е демографскиот. Земјата има бројно младо население кое го сочинуваат многу потенцијални патници”, се наведува меѓу другото во соопштението на Меѓународната асоцијација на аеродроми во Европа.
Истанбул моментално има два големи аеродроми, „Ататурк” и „Сaбиха Ѓокчeн”, а во тек е изградба на третиот аеродром кој воедно ќе биде и најголем во светот.
Изградбата на третиот аеродром, што ќе чини 10,25 милијарди евра, има за цел растоварување на воздушниот сообраќај во оваа турска и светска метропола.
Турски официјални лица најавија дека третиот аеродром во Истанбул ќе биде изграден на простор од 76,5 милиони метри квадратни, а со 150 милиони патници годишно ќе биде најпрометниот аеродром во светот.