Elena Teslova
15 Ноември 2022•Ажурирај: 16 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Условите на Украина за мировни преговори се намерно нереални и несоодветни, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров на прес-конференција на Самитот на Г20 во Индонезија рече дека Москва ја потврдува подготвеноста да води мировни преговори со Киев.
„Ако некој одбие, тоа е Украина. И колку подолго одбива, толку потешко ќе се преговара“, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија додаде дека на маргините на Самитот во Бали имал кратка дискусија за ова прашање со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Ги потсетив дека сите проблеми се на украинската страна, која категорично одбива да води какви било преговори и поставува услови кои се намерно нереални и несоодветни во оваа ситуација“, рече Лавров.
Тој го нарече говорот на украинскиот претседател Владимир Зеленски на Самитот на Г20 „воинствен, агресивен и русофобичен“.
Во врска со продолжувањето на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море, Лавров рече дека руски услов за тоа ќе биде спроведувањето на договорот за руски извоз на храна и ѓубрива.
Лавров рече дека со турскиот колега Мевлут Чавушоглу разговарал и за договорот за жито и подготовките за конечната декларација на Г20.
Тој го обвини Западот дека се обидува да ја политизира декларацијата со осуда на Русија во име на целата група.
Сепак, беше одлучено Западот да даде изјава дека „многу делегации ја осудиле Русија“, додека Москва смета дека постојат „алтернативни мислења“.
„Веруваме дека тоа е сосема доволно за да не се навлегува длабоко во ова прашање. Воопшто не се работи за Групата 20“, рече Лавров.