Ayhan Şimşek
17 Декември 2017•Ажурирај: 17 Декември 2017
ВИЕНА (АА) - Новоформираната десничарска коалиција на Австрија најави поостри национални безбедносни мерки и колективен пристап кон решавањето на мигрантската криза во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на конзервативната Народна парија на Австрија (OVP), Себастијан Курц, и челникот на радикално-десничарската Слободарска партија (FPO), Хајнц-Кристијан Штрахе, во Виена ја претставија програмата на идната коалициска влада на Австрија.
Најавија дека ќе подготват нов пакет безбедносни мерки на национално ниво, и дека нема да отстапат од упатствата кои во тој контекст ги дава официјален Брисел.
Обидувајќи се да ги амортизираат критиките и стравовите на некои членки на Европската Унија за влез на радикално-десничарската Слободарска партија во владата, Курц и Штрахе истакнаа дека идната влада на Австрија ќе има проевропски пристап.
Тие потврдија дека 31-годишниот Курц ќе биде новиот австриски канцелар, додека Штрахе ќе биде негов заменик. За возврат, Слободарска партија ќе добие важни министерски места во секторите одбрана и внатрешни работи.
Коалиционите партнери се согласни Министерството за надворешни работи во новиот кабинет да го води непартиската министерка, Карин Кнеисел, поранешна дипломатка и експерт во оваа област.
Парламентарните избори во Австрија се одржаа во средината на месец октомври, а конзервативната Народна парија на Австрија победи со 31,6 отсто од освоените гласови. Антимигрантните радикали од Слободарската партија (FPO) освоија 26 отсто од гласовите. Во петокот вечер двете партии постигнаа договор за коалиција по осуммесечни преговори.