Gamze Türkoğlu Oğuz
02 Мај 2019•Ажурирај: 03 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Куба ги негираше наводите на Соединетите Американски Држави (САД) дека во Венецуела се наоѓаат единици на кубанската војска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кубанскиот шеф за односи со САД, Карлос Фернандез де Косио, за агенцијата „Асошијатед прес“ (Associated Press) изјави дека се неточни наводите на американската администрација за тоа дека во Венецуела се наоѓаат повеќе од 20.000 кубански војници и разузнавачи.
Косио изјави дека во Венецуела се наоѓаат околу 20.000 државјани на Куба, но дека станува збор за здравствени работници.
„Таму немаме војска. Куба не учествува во воените или безбедносните операции во Венецуела“, изјави Косио.
И покрај фактот што таму нема кубански војници, Косио нагласи дека Куба и Венецуела имаат легитимано право на јакнење на воената и разузнавачката соработка.
„Американците имаат 600 - 700 воени бази во земјите низ светот, со околу 800.000 војници. Во таа смисла, во нашиот регион на тој план е можна соработка со кои било земји. Ние ја имаме и со голем број земји и тоа е легитимно право, и на Куба и на Венецуела“, изјави Косио.
„Доколку кубанските војници и нерегуларниот состав веднаш не ги запрат воените и другите операции, чија цел е разорување на Венецуела, во Куба ќе биде воведено потполно и комплетно ембарго и најголемо ниво на санкции“, напиша претходно американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.
Инаку, венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо во вторникот објави видеопорака, на која се гледа дека е со контингент на униформирани луѓе и оклопни возила, во која повика на бунт за да се запре „узурпацијата“ на Мадуро, и повика на масовни демонстрации против претседателот.
Тој нагласи дека тоа е почеток на завршната фаза на напорите да се собори Мадуро, позната како акција „Liberty“ (слобода).
Владата на Венецуела, сепак, соопшти дека започнала акција на сузбивање на обидот за воен удар зад кој стојат Гваидо и помала група на државни предавници. Претседателот Мадуро го повика народот на улица за да ги заштити татковината и уставниот поредок.