Emre Aytekin
18 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
АНКАРА (АА) – Специјалниот известувач за човекови права при Обединетите нации, Франсоа Крепо, ги обвини австралиските власти за ксенофобија и рамнодушност кон порастот на расистичките групи во државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста во британскиот весник „Гардијан“, Крепо, кој беше во 18-дневна официјална посета на Австралија, изјави дека и покрај богатата мигрантска историја на земјата, во последниот период се забележува зголемено кршење на правата на бегалците, говор на омраза, како и ксенофобија.
На прес-конференција во Канбера, Крепо изјави: „Негативниот дискурс на политичарите кон бегалците предизвикуваат непријателски ставови кај народот против странците и отвора пат за создавање тло за популистички, националистички групи“.
„Австралија треба да се бори против дискриминацијата, насилството и злоупотребата на бегалците, со својата реторика, но и со своите активности“, рече понатаму Крепо.
- „Законот за расна дискриминација го покажува сеопфатниот австралиски тон“
Крепо повика на заштита на став Ц, од член 18 во Законот за расна дискриминација во Австралија.
Во државата во последно време се расправа за членот од Законот кој забранува реторика којашто може да предизвика навреда, заплашување или понижување на расна основа, според бојата на кожата, националната припадност или етничката група.
Противниците бараат овој член да биде целосно укинат, или да се отстрани изразот „наведлив“.
Ставот Д од истиот член ги исклучува ситуациите кога се работи за сатира, коментар или јавна корист.
Крепо во својата изјава рече дека неговиот став е да се заштити членот 18 Ц од Законот за расна дискриминација.
„Законот го покажува сеопфатниот австралиски тон“, рече Крепо и нагласи дека државата треба да води политика на мултикутурна филозофија, во контекст на почитување на човековите права.
Крепо истакна дека Австралија ги крши човековите права со тоа што ги носи бегалците во центрите за приведување и ги држи долго време без да им обезбеди пристојни здравствени услови и правна помош во процесот за барање азил.
Според него, ова е казнување на бегалците. „Загрижени сме за менталното здравје на бегалците, кои за да поднесат апликации за азил, или повремени заштитни визи, задолжително чекаат долго во центрите за приведување“, заклучи Крепо.
Исто така, Крепо истакна дека ваквиот казнен пристап се коси со ’начелото за екстрадиција’ во рамките на правото на азил.