Elena Teslova
26 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денес призна дека постојат случаи на кршење на декретот за мобилизација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Навистина, има случаи кога е прекршен декретот на (рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација). Овие случаи на непочитување на потребните критериуми се елиминирани. Се надеваме дека сите грешки ќе бидат коригирани“, изјави Песков за новинарите во Москва.
Портпаролот им се заблагодари на новинарите и на јавните организации за помошта во извлекувањето информации за прекршувањата во јавноста, додавајќи дека информациите се предочени на вниманието на раководството на регионите и Министерството за одбрана.
На прашањето дали Владата планира да ги затвори границите за мобилизираните луѓе, Песков рече: „Во моментот не се донесени одлуки.“
Тој повика на анализирање на информациите за мобилизацијата, објавени на интернет, нагласувајќи дека постојат многу лажни информации, проширени од „непријатели и домашни хистерии“.
Песков рече дека во случај украинските региони Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје да гласаат за да се припојат кон Русија, ќе има правна постапка пред нивното припојување.
Тој, исто така, вети дека ќе информира дали Путин треба да се обрати јавно во врска со резултатите од референдумите во Донбас.
Коментирајќи ја изјавата на советникот на САД за национална безбедност, Џејк Саливан, кој рече дека Вашингтон ја предупредил Русија за катастрофалните последици од употребата на нуклеарно оружје, Песков рече: „Го оставам ова без коментари.“
Во врска со контактите меѓу Русија и САД воопшто, тој рече дека тие имаат „спорадичен карактер“, кој само дозволува размена на „итни пораки за меѓусебни ставови“.