Turgut Alp Boyraz
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Нафтали Бенет, 49-годишниот иден премиер на Израел, познат по прифаќањето религиозен и националистички став, е познат по своите антипалестински погледи, пишува Агенција Анадолија (АА).
Бенет влезе во политиката во 2005 година како заменик на Бенјамин Нетанјаху и ќе го тргне Нетанјаху од неговиот премиерски статус долг 12 години ако добие доверба од Парламентот.
„Имам убиено многу Арапи во мојот живот - и немам проблем со тоа“, рече еднаш Бенет, кој е и поранешен израелски командос.
Израелскиот политичар стана милионер благодарение на технолошката компанија која ја изгради од нула и за време на неговата политичка кариера во Израел секогаш ги привлекуваше крајно десничарските гласачи.
Бенет смета дека Израел треба да анектира делови од окупираните палестински територии на Западниот Брег. Тој извршувал повеќе позиции на политичкиот фронт, вклучително и функцијата министер во министерствата за економија и образование.
Откако во мај Израел и палестинската група на отпорот Хамас постигнаа договор за прекин на огнот за запирање на израелските напади врз Газа, во кои загинаа 254 Палестинци, Бенет и ривалот на Нетанјаху во најголемата опозиција - лидерот на партијата Јеш Атид, Јаир Лапид, се согласија да формираат коалиција.
Според договорот меѓу двајцата политичари, лидерот на Јамина, Бенет, претставен од седум пратеници во Парламентот, ќе ја преземе премиерската функција во првите две години, додека Лапид таа функција ќе ја преземе подоцна.
Се чини компликувано за осумпартиската коалиција, составена од различни сегменти, меѓу кои десни, леви, централни и партии што ги претставуваат Палестинците со израелско државјанство, да трае долго.
Родителите на Бенет се родени во САД, а неговата агресивна реторика против Палестинците секогаш беше на насловните страници за време на неговата политичка кариера. Како лидер на партијата Еврејски дом беше избран во 2012 година.
Во 2013 година даде контроверзни изјави во кои рече дека „палестинските терористи“ треба да бидат убиени наместо да бидат ослободени.
Исто така има кажано дека Западниот Брег не е под окупација и дека не постои такво нешто како палестинска држава.
Тој ја преименува партијата Еврејски дом во Јамина во 2018 година и учествуваше во коалицијата предводена од Нетанјаху. Неговата партија обезбеди седум места на општите избори на 23 март.