ГЛАЗГОВ (АА) - Светските лидери го напуштија Глазгов по историските напори во првите денови на Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатски промени фокусирана на уништувањето на шумите, редуцирање на емисиите на метан и потпишување на агенда за чиста технологија, за да им ја предаде работата на преговарачите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одржана во Глазгов, Шкотска, 26. сесијата на Конференцијата на страните (КОП26), во рамките на Конвенцијата на ОН за климатските промени, сведочеше на глобални и историски обврзувања од страна на 120 светски лидери кои беа повикани да ја обезбедат целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.
На првиот ден на Самитот на лидерите на КОП26, Индија се обврза за цел од нула емисии до 2070 година со среднорочна цел на инсталирање на обновлив капацитет од 500 гигавати до 2030 година. Индија е вториот најголем корисник на јаглен во светот и речиси 70 проценти од електричната енергија ја добива преку јаглен.
Бразил и Виетнам исто така се обврзаа за нула емисии до 2050 година.
Преку 80 проценти од глобалните емисии сега беа покриени со нето нула цели со додавање на последните три земји.
Според лондонскиот аналитички центар „Емвер“, десетте земји во светот кои најмногу користат јаглен за енергија, Кина, Индија, САД, Јапонија, Јужна Кореја, Јужна Африка, Индонезија, Русија, Виетнам и Австралија, се обврзаа на нето нула емисии.
- Државите во кои се наоѓаат 86 проценти од шумите на планетата, ветија дека ќе ја запрат дефорестацијата -
На вториот ден од Конференцијата, најмалку 110 земји се обврзаа дека ќе стават крај на уништувањето на шумите и деградацијата на почвата до 2030 година.
Преку 40 земји, меѓу кои и Турција, Велика Британија, САД, Бразил, Албанија, Гана, Екватор, Индонезија, Русија и Сирија потпишаа декларација за преземање чекори за дефорестација до 2030 година, обезбедувајќи 12 милијарди долари финансирање на јавниот и 7,2 милијарди долари за финансирање на приватниот сектор за да се постигне оваа цел.
Во земјите потпишнички на декларацијата се простираат 85 проценти од шумите на Земјата.
Заложбите за дефорестација покажаа дека за првпат на конференцијата КОП, уништувањето на шумите и влијанието кое го имаат врз луѓето и планетата е сериозно сфатено од чекорите преземени од страна на приватниот и јавниот сектор, вклучително и на мултилатералните банки за развој.
Како и да е, сѐ уште е долг патот за ветувањата да се претворат во акции и потребни се транспарентни механизми за нивно следење.
- Коалиционите земји со висока амбиција кон усогласување на економиите за постигнување на целта за 1,5 степени Целзиусови -
Во извештајот на лидерите на Коалицијата за поголема амбиција (ХАС) пишува дека развиените земји и земјите во развој, вклучително и Карибите, Пацификот, САД, Франција, Шпанија, Германија, Данска и Холандија имаат за цел да покажат уште поголема амбициозност за постигнување 1,5°C усогласени во национални рамки пред КОП27.
Тие, исто така, објавија дека ќе ги усогласат своите економии кон траекторијата за ограничување на глобалната просечна температура на 1,5 степени Целзиусови со ставање крај на инвестициите за производство на електрична енергија од јаглен дома и во странство и субвенциите за фосилни горива, потврдувајќи 100 милијарди долари на годишно ниво како климатски финансии за неразвиените земји.
Најранливите земји во однос на климата побараа КОП26 да испорача климатски пакт за вонредни состојби, план вреден 500 милијарди долари ветени до 2024 година.
- Челикот во центарот на климатските преговори за првпат -
Во интернационалниот план за чиста технологија, продорната агенда на Глазгов, поддржана од над 40 држави, меѓу кои се Велика Британија, САД, Индија, Кина и Турција беше објавена за да овозможи чистата технологија да биде поприфатлива секаде во светот посветувајќи се на енергијата, челикот, патничкиот транспорт, ниското присуство на јаглерод диоксид и на земјоделството.
Со 7 проценти од глобалните емисии, секторот на челикот е ставен на главната агенда на интернационалните преговори за првпат.
Земјите со 32 проценти на глобално производство на челик обврзани се на нула емисии во тој сектор до 2030 година.
Вториот ден од КОП26 беше посветен на глобалната заложба за ставање крај на емисиите на метан до 30 проценти до 2030 година, според Глобалните заложби за метанот.
Предводени од САД и од ЕУ, 105 држави се потпишаа за ставање крај на тие емисии, но Индија, Кина, Русија и Австралија, кои се најголемите емитери на метан, не се потпишаа.
На земјите потпишнички отпаѓаат 46 проценти од глобалните емисии и претставуваат речиси 70 проценти од глобалната економија.
Јужноафриканската Република, една од земјите најзависни од фосилните горива, беше обврзана со 8,5 милијарди долари од САД, Европа, Велика Британија, Франција и Германија да го забрза преминот од јаглен во чиста енергија.
Третиот ден од Самитот ќе продолжи со сесии за финансискиот аспект за климата.